Новата пракса во работата на македонските ракометни репрезентации стартуваше денеска во Битола, каде се одржа собир на кој селекторот Лино Червар прозиваше 30 ракометари од домашниот шампионат.
Голем дел од нив се потенцијални или актуелни репрезентации, а целта на собирот е бројот на идни репрезентативци да биде уште поголем, од кои пак во блиска иднина треба да биде подмладена сениорската репрезентација.
– Предложив на управниот одбор на РФМ да излеземе од Скопје и да се доближиме до центрите на ракометот во нашата земја. Еве екипирани доаѓаме во Битола, во градот на ракометот и верувам дека ова е само почеток и дека ќе ги посетиме и другите центри, дека ќе одиме во Прилеп, Велес, Богданци. Наша цел е во континуитет да бидеме на големите приредби. Со пласманот во Франција направивме голем исчекор, но тука нема да застанеме. Знаете дека имавме една стара репрезентација, сега подмладуваме, но мора да се има и трпение. Наша голема цел е да бидеме дел од Европското првенство во Хрватска. Имаме млади ракометари кои созреваат секој ден и селекцијата е процес кој нема крај. Сега тука имаме 30 ракометари, наредниот собир веројатно ќе бидат други и тоа е кругот кој се врти, рече Червар.
Еднодневниот собир заврши со заеднички ручек, а ваквиот начин на работа ќе стане пракса на сите селекции во иднина. Веќе за 3 октомври е закажан следниот собир, а третиот ќе биде на 14 ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.