Баварската конзервативна Христијанско социјална унија (ЦСУ), сестринска партија на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел, упати закани кон својот партнер дека нема да настапат заедничи на сојузните парламентрани избори во септември 2017 година, доколку Владата во Берлин не воведе максимална квота на бегалци кои ќе можат да влезат во земјата.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, баварскиот премиер и лидер на ЦСУ, Хорст Зехофер бара Владата да донесе одлука годишно во Германија да може да влегуваат најмногу 200 илјади бегалци.
Во изјава за весникот „Шпигел“, Зехофер вели дека не е подготвен на компромис за ова прашање, додавајќи дека канцеларката Меркел ќе добие поддршка од ЦСУ во кампањата за нов мандат на оваа функција само ако ја промени политиката за бегалците.
– Потребна е промена на правецот за да се придобијат срцата и мислите на поддржувачите, вели Зехофер во изјавата за весникот.
Баварскиот премиер прв пат толку остро и се спротивставува на канцеларката, иако во текот на бегалската криза минатата година тој и Меркел имаа неколку средби за да ги „испеглаат разликите“ меѓу ЦДУ и ЦСУ околу приемот на ббегалци.
Сигнал за влошените односи меѓу двете партии беа испратени уште пред три недели, откако на покраинските избори во Мекленбург- Форпомен, каде што се наоѓа и изборната единица на Меркел, ЦДУ освои помалку гласови од националистичката партија Алтернатива за Германија (АФД).
Веднаш по изборите Зехофер најави дека Меркел нема да биде поканета на конгресот на ЦСУ во декември, поради разликите во политиките за бегалската криза.
Во својата партиска платформа ЦСУ бара не само лимитирана бројка на бегалци, туку и приоритет за мигрантите кои што доаѓаат од „христијански земји“, идеја што веднаш беше отфрлена од другите претставници на „големата коалиција“ во Берлин.
Евентуалниот распад на десничарскиот сојуз меѓу ЦСУ, која во Бундестагот има 56 пратеници и ЦДУ, која располага со 255 мандати, не може да ја дестабилизира Сојузната влада затоа што во коалиција со Социјалдемократската партија на Гермнаија (СПД), која има 193 мандати, демохриситјаните на Мерекле имаат доволен број пратеници за стабилно мнозинство во 630-члениот Бундестаг.
Сепак со намалениот рејтинг на ЦДУ и СПД, поради бегалската криза и со растот на популарноста на популистичката АФД, која веќе има 14 отсто поддршка на сојузно ниво, евентуалнот повлекување на ЦСУ од сестринското партнерство со Меркел. може драматично да ја промени политичката слика по федералните избори наредниот септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.