Навистина, апсурдот во нашата татковина го допира најекстремниот досег што воопшто може да се замисли, но реалноста е пофантастична од која било имагинативна проекција на човека. Сите теории за конспирацијата или, пак, за криптоисторијата, личат на банални претстави од третокласните вести на некоја тенџере-телевизија, какви што се накотија многу во регионов, како печурки по дождот.
Ете, Република Македонија почна да личи на карикатурална композиција, слична на тие што ги создаваа Бош, Бројгел, Оноре Домије, Гоја или Георг Грос (секако, со висок, би рекол, генијален стил), но претставите?
Тие се морбидни, застрашувачки, гротескни, тие го слават ирационалното, ја прогонуваат етикетираноста, го уриваат грацилното и префинетото. Сепак, вистината во ова творештво импонира, а возбудата од непредвидливото и неочекуваното има огромен хипнотички ефект.
И колку што пејзажот со сите тие фигури, како извајани од најскарадните соблазни, станува сѐ поужасен и сѐ подегутантен, така слободата на коментарите и толкувањата на оваа застрашувачка дистопија се ограничува со закон.
Закон, протуркан од зајци и од рептили, што никогаш не сакале да ѝ погледнат на вистината в очи.
До каде ли ќе оди оваа меѓународна алијанса на ситни бирократски пирани и нивните политички трабанти, што секојдневно го нарушуваат јавниот ред и мир, и плукаат по сите цивилизациски и духовни достигнувања?
Како тоа, тие што клеветеа, кодошеа, навредуваа, се закануваа и пцуеја, како тоа, овие невидени дегенерици и квислинзи, успеаја себе толку лесно и едноставно да се амнестираат од своите гревови пред аудиториумот, барем пред тој со авторитет, а да ги обвинат за говор на омраза и политичка некоректност тие, што беа претежно жртви на нивната харанга? Како тоа, овие пајаци, закачени на мрежата со своите портали, слични на клоаки и ќенефи пазарски, успеаја пред хегемонот да се претстават како страдалници, а нивните жртви да ги прикажат како агресори и мачители?
Та, овие истите Јаговци и Јуди Искариотски, нели беа за слободата на говорот, за културниот натпревар, за интелектуалните дебати и за разумско решавање на конфронтираните интересни концепти на општествената сцена? Одеднаш станаа логорашки капои, скаути на колонијализмот, доушници на инквизицијата, воени подбуцнувачи. За пари, ли? – Сигурно не за шарените очи на кравата Пандорче од Долно Дупени.
Ете, корифеите на слободното новинарство од времето на транзицијата сега станаа жестоки заговорници и апологети на цензурата.
Сигурно многу се труделе кај вујко Сем, а можеби и вујко Сем применил врз нив по некој трик од својот трикстерски репертоар.
Да живее цензурата! – врескаат веќе обработените лабораториски стаорци, сега пуштени на теренот.
Големиот сега ќе ги замолчи нашите опоненти, тие неискапени селаништа, тие глупаци, кои не знаат што е тоа бидe, па дефецираат во него!
Прво го создадоа „Златното теле“ на Јустиција, а сега подготвија одред за отстрел на тие што не сакаат да поминат низ системот за лоботомија.
Значи, полека, од легалистичкиот простор, узурпирајќи го максимално со својата квазиинституција, сега преминаа во медиумските зони со новоформираното тело за цензура. Кон тоа, и да се потсетиме на субверзивните импланти поставени во таканаречената „техничка влада“ за реализација на изборите.
Зар измамата повторно влегува во игра, овој пат, засилена со нови ингеренции?
Навистина, овој пат отидоа предалеку. Не дека нивните апетити за власт ќе бидат задоволени, тоа никогаш веќе нема да се случи. Но шокот од соочувањето со реалноста (по изборите) ќе биде толку голем, што веќе нема да има што да се прави, освен да се посегне кон најбруталниот терор.
Ова и најзаслепените опозиционери, на некој чудесен анимален начин го насетуваат. Затоа се прашуваат, како да се избегне прокобата?
Јанѕа ги јаде. Сомнеж ги дразни. Што со изборите во САД? Дали ќе победат нивните господари или ќе дојде гигантскиот мачор и ќе ги излапа како глувци од желе? Сето тоа не им дава сон.
Но тука атмосферата е токсична. Посебно, што се однесува до слободата на говорот. Телото за цензура треба да биде во далечинскиот управувач, а не во дебилните желби на неколку истрошени политички фигури, кои по никоја цена не сакаат да се повлечат на ѓубришетето на историјата.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.