| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар го издржа притисокот и ремизираше со шампионот Металург (25-25)

Вардар не ја дава лесно титулата во ракометниот шампионат на Македонија и оствари поволен резултат (25-25), против првакот Металург, со што, сега ќе има можност на домашен терен да се избори за трофејот. Финишот на мечот, како што се очекуваше беше возбудлив, неизвесен, а последниот напад го промашија ракометарите на Металург. Наумче Мојсоски на 7 секунди до крај промаши од тешка позиција, за радост на вардарци.

Одлично бранеа двајцата голмани, Милиќ кај гостите и Митревски кај Металург, со над 10 одбрани поединечно и со многу одбранети пенали. Милиќ фати три, а Митревски два удари од 7 метри, со што беа главни актери на мечот, заедно со Мојсовски, кој беше најефикасен со 10 гола, иако имаше проблем со повреда. Вугринец кај Металург даде 7 гола, а ист ефект имаше и Карачиќ кај Вардар. Прибак одигра извонредно кај гостите и го заврши мечот со 5 погодоци.

Вардар одлично го почна дербито, постојано водеше во првиот дел, најмногу со 3 гола разлика, 7-4, по десет минути игра. Сепак, Металург покажа дека сеуште има шампионски амбиции, израмни до крајот на полувремето на 13-13, а потоа во вториот дел, носен од одличните одбрани на Митревски поведе со 22-19. Миркуловски беше исклучен од игра, што гостите умешно го искористија и се вратија во ритам. Вардар во 50. минута намали на 22-23, потоа Мојсоски утна пенал, па „црвено-црните“ преку Рајковиќ израмнија на 23-23. До крајот се играше гол за гол и конечниот резултат од 25-25, е праведен исход на дербито.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top