Кога Златко Стефковски, директорот на Младинскиот културен центар во Скопје, ми предложи да контактирам со членовите на „Зеро“ и да ги прашам дали се подготвени за нова креативна авантура, сфатив дека сум ставен пред еден специфичен предизвик, пред нова експедиција во сферите на неименливото.
Требаше повторно да се собере таа ирационална уметничка тајфа, а не се бевме виделе уште од 2011 година, кога „Зеро“ беше на Биеналето во Венеција со проектот „Зеро шлепер“.
По овој настан, секој од поставата на „Зеро“ си го фати својот пат. За некои од нас овој последен период беше прилично напорен и тежок, но чудесни се патиштата, а спасението не престанува да дејствува дури и тогаш, кога мислиме дека нема спас. Но, има.
Собирањето на „Зеро“ беше подолготрајно отколку што претпоставував. Тајфата „Зеро“ се беше завлекла во разни светови, често многу далечни од баналноста на дневнополитичката реалност. Но, кога требаше да се дејствува, веднаш пред нашата натсвест се појави чудесна небула од компримирани сеќавања. Последниве пет години и целиот интензитет на општествено-политичката динамика во нашата култура. Сепак, „Зеро“ брзо се ослободува од тие енергии на политичкиот дискурс затоа што „Зеро“ е бескраен океан на метафизичката игра, во кој идеологиите и политиката се губат како трошки во чорба.
Златко Стефковски ни сугерираше неколку значајни точки во овој проект, пред сѐ, историскиот контекст – 25-годишнината од самостојноста на нашата држава. Да се создаде мурал, кој ќе биде посветен на четврт-вековното постоење на Република Македонија, е, навистина, интересно. Од ваквиот пристап може да произлезе само национално помирување.
Затоа што уметничките сеанси на „Зеро“ не се само чисто техничко, рационално дејствување во правецот на една организирана свест и моќ да се спроведе специфична ликовна визија, и толку. Не, творештвото на „Зеро“ и неговите модалитети на работа имаат длабоки корени во древните мистерии и во сите видови езотерија и магиски ритуали. „Зеро“ е една колективна структура на уметници, кои во медитативна синергија создаваат многу специфични вибрации, кои, какво чудо – навистина дејствуваат, доколку се фокусирани на одредена цел. Но целите на „Зеро“ никогаш не се прозаични и тривијални.
Обично, наивните и необразованите, по прашањата на културата и на уметноста, а огромно мноштво се токму такви, очекуваат спектакуларни чуда, парадоксални ситуации и вехементни состојби на свест кај протагонистите. Но сето ова е веќе одамна деконструирана матрица за чинодејство, создадено од холивудската филмска индустрија. Како парадигма. Како симулакрум на отуѓените и тотално обездуховени култури, зони на конзумеризмот и на флегматичноста. Еден живот, кој хибернира и се буди со електрошокови.
„Зеро“ тоа го прави речиси несвесно, како во сон. „Зеро“ не се откажало од магиските корени за грст долари и за петнаесет минути либералистичка слава. „Зеро“ ѝ вели не на која било корупција, а посебно на таа што дејствува преку итрите и бездушни идеологии со безумни цели да го уништи духот, древноста и автентичноста на старите култури. Тоа го гледаме насекаде, резултатот на овие суперпрагматични текови на нивото на „цајтгајстот“ е курентниот неоварваризам и сите колатералии што одат со него.
Вандализмот, виден неодамна и кај нас, е само еден мал дел од оваа масовна деструкција на нашето време, која доаѓа како последица од прекинот со творечкото битие, кое е во духот од страшната алиенација, што се наметнува како ужасна последица на некритичкото помодарство и на сеопштиот конформизам. Уметноста брзо го напушта ваквиот амбиент на свеста.
Затоа по фасадите останаа само печатите на хистеријата. Насилството е во најголема спротивност со уметноста. Но како на магариња да им говорите за филозофијата или, пак, да поетизирате? Но за „Зеро“ и тоа е можно.
Уште кога се собравме пред МКЦ, повеќето од нас на број, и со благослов на тие што живеат во странство, се соочивме со вистинската магнитуда на творечкиот предизвик. Тоа беше еден голем ѕид, кој како да сакаше да нѐ проголта. Но „Зеро“ ваквите закани брзо ги решава во своја корист. Сите овие ситни блефови паѓаат во стравотна параноја, во ужас, кога ќе се соочат со застрашувачката празнина на нулата, на ништожноста, на „Зеро“.
Пристапивме на работа, прво внимателно и скрупулозно, а потоа, кога добро го запознавме просторот (ѕидот) и неговите капацитети, изградивме брза и ефикасна стратегија и јурнавме кон апсурдот. Од ѕидот почнаа да излегуваат разни содржини и светови, а „Зеро“ во неочекувано добра тимска форма почна да ги вади како риби од море. Конечно, почна во целост да се гледа оваа голема фреска, која во моментите на луцидност ја нарековме „Зеро фантом“. Онака, на шега.
Во „Зеро“ на овој мурал работеа: Горанчо Ѓорѓиевски, Беди Ибрахим, Златко Трајковски, Синиша Цветковски, Зоран Јаневски, Роберт Михајловски, Владо Манчевски, Стеван Шашков, Александар Станкоски. Со благослов на: Миодраг Десовски – Мишко (Австралија) и Перица Георгиевски – Пепси (Бугарија).
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.