Натпреварот меѓу Албанија и Македонија кој синоќа беше прекинат во 76.минута при резултат 1:1 поради невреме проследено со силен дожд, според последните информации од УЕФА ќе се доигра денеска од 14 часот, јави МИА.
Албанија поведе со голот на Армандо Садику во 9. минута, а изедначи Езгијан Алиоски во 51.минута.
Неколку минути пред прекинот во Скадар почна да врне силен дожд и кога беше јасно дека на теренот веќе нема услови за игра турскиот судија Хусеин Гочек ги испрати фудбалерите во соблекувалните. По консултација со делегатот беше одлучено да се почекаат предвидените 45 минути за да се види дали ќе може мечот да продолжи, но дождот не престана па се остави УЕФА да даде понатамошни инструкции.
Европската фудбалска федерација на официјалниот сајт соопшти дека последните 15-ина минути ќе се доиграат денеска од 14 часот.
На другите два дуела од Г квалификациската група за пласман на Светското првенство 2018 победи за фаворитите:
Шпанија – Лихтенштајн 8:0 и
Израел – Италија 1:3.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.