| четврток, 6 декември 2018 |

Неизвесен настапот на Алексовски, Бабунски и Демири против С. Ирска

Младата репрезентација на Македонија се соочува со сериозни проблеми во пресрет на клучниот натпревар за пласман на ЕП 2017 во Полска, против Северна Ирска, поради повредите на тројцата првотимци заработени на претходниот дуел против Шкотска во Единбург.

Неизвесен е настапот на натпреварот против Северна Ирска за голманот Игор Алексовски, капитенот Давид Бабунски и дефанзивец Бесир Демири, кои заработија повреди во Единбург.

Според информациите од македонската репрезентација, и за тројцата денеска ќе следат детални лекарски прегледи, по што ќе биде познато дали и колку ќе може да помогнат на националниот тим.

-Одигравме тежок натпревар во Шкотска, а победата ја плативме и со трите повреди. Треба денеска да следат детални лекарски прегледи, по што ќе биде познато дали ќе може да сметаме на тројцата или на некој од повредените играчи. Во секој случај, максимално се подготвуваме за дуелот со Северна Ирска. И на овој меч, сега пред нашите навивачи, ќе го дадеме максимумот, како и досега. Момците добро знаат што нѐ очекува и секако подготвени ќе го дочекаме натпреварот – вели селекторот на младата репрезентација, Благоја Милевски.

Како што е познато, Демири и Бабунски предвреме мораа да го напуштат теренот, а Игор Алексовски, сепак, собра сили и повреден остана на голот во последните 15 минути од средбата.

Македонија против Северна Ирска игра утре со почеток од 18:45 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје. Билетите се по цена од само 100 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top