| четврток, 6 декември 2018 |

Филосогијата и поетиката на „Зеро“

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Да се портретира „Зеро“ на ниво на неговата интелектуална мета-нарација, е прилично сложен потфат, но најблизок опис на оваа супер-сложена когнитивна структура, што еманираше од овој уметнички феномен, е еден сосема отворен систем на комуникација и креација. Зеро не беше уметничко здружение од оние, кои пред или при своето конституирање приложуваат некакви манифести, како повеќето авангардни уметнички групи во европската уметност од периодот на модернизмот. Нити, пак, некоја уметничка стратегија со прецизно одредени принципи и тактики во творештвото им беше својствена на „Зеро“, едноставно, групата на сакаше никакви дефиниции и строго определени курсеви, што не значи дека „Зеро“ имаше некаква анархистичка идеологија.

Иако имавме живи и блиски контакти со анархистите, пред сѐ, од Германија и Холандија, идеологијата на анархизмот беше само еден, не толку интересен идеолошки систем за „Зеро“. Не толку поради спорадичното заговарање на револуционерни методи на анархизмот, туку поради темелниот принцип на одбивање насилство во процесот на политичката борба и импликации на уметноста во неа. Така „Зеро“ непобитно застанува зад деконструкцијата на модернистичките идеологии и нивната револуционерна страст. – „Револуцијата е свиња која ги јаде сопствените прасиња“ – во осумдесеттите, времето на дејствувањето на „Зеро“, илузионизмот и скриениот опортунизам на револуционерните стратегии од 20 век, беа веќе тотално passé и нивните конструкции се рушеа насекаде во светот. Гледајќи како утопиите на сеопштата револуција, почната уште во времето на француското просветителство, па сѐ до Октомвриската револуција и сите нејзини деривати што се раширија по земјината топка по крајот на Втората светска војна, се претвораат во дистопии, во тоталитаристички руини, кои го депримираа светогледот, „Зеро“ со индигнација се дистанцираше од сите мејнстрим и академски референци на историјата на уредувањето на човековото општество, по било кој идеолошки принцип.

Можеби најдобро средство за општествените баланси би било едно бескрајно толерирање на сите ненасилни концепти на уредување на сите автентични култури и културни групации. „Животот ќе си го најде патот на најсуптилен начин, без оглед на сѐ. Затоа, да не го силуваме општеството со илузорни шеми и фанатични активности. – Contra la politica, para la metafisica. (Против политиката, за метафизиката)“.

Духовната, философската и поетската аура на групата „Зеро“ има своја детерминираност на најавтентичен начин во однос на матичната средина, оформена во културните традиции на јудео-христијанската и исламската цивилизација, каков е, впрочем, и овој дел од Балканов. Овој традиционализам треба да се сфати во општочовечки контекст.

Курентниот социјалистички систем и неговите идеолошки сурогати се спорадични искуства на „Зеро“, но групата беше потполно незаинтересирана за било каква комунистичка, социјалистичка или, пак, социјалдемократкса теорија и естетика. Сето ова беше мачна поетика на моментот, систем на вредности во потполна дисолуција. „Зеро“ немаше ништо против тоа, тоталитаризмот да се тргне од сцената, но на членовите на групата ни на крај на паметот не им паѓаше насилно да го рушат поредокот. Кон тоа, социјалистичкиот тоталитаризам се рушеше сам  од себе и многу поадекватен однос кон овој феномен беше сеирот и сожалувањето. Но, ова е многу наивен став, кој подоцна се покажа како безумно илузорен, кога во реалноста еманираше целата вистина за распадот, а тоа беше егоистичката стихија за поседување и моќ кај главните протагонисти, кои од комесари и функционери во името на масите, се трансформираа во капиталисти во свое име, патем, приграбувајќи ги општествените богатства. Тука „Зеро“ со индигнација го предвиде овој толку банален и толку бессловесен процес и соодветно го претстави во некои од своите дела.

Но, всушност, „Зеро“ никако не можеше да се согледа само како локален феномен. Во рамките на креативните инспирации на „Зеро“ постоеше една гигантска култура или збирка од културни и културолошки феномени.

Покрај ова духовно милје, кое во основата беше традиционално, кај групата „Зеро“ имаше голем интерес за далечните, егзотични култури, нивната философија, естетика и поетика. Од Иднија и Кина, па до Јужна Америка, Африка и Австралија. Интересот за егзотичните култури отсекогаш бил мошне жив во полемичкиот арсенал на групата „Зеро“. Во „Галерија 7“ се водеа бескрајни муабети за суфизмот, будизмот, зенот, катехизисот, таоизмот, конфучијанизмот, ламаизмот, шаманизмот, заратрустријанизмот, маздаизмот, џанаизмот, езотеризмот, стоицизмот, манихеизмот, богомилството, аријанизмот, идеализмот, рационализмот, агностицизмот, атеизмот, солипсизмот, либерализмот, неолиберализмот, нацизмот, комунизмот, анархизмот, национализмот, патриотизмот, прагматизмот, позитивизмот, социјализмот, капитализмот, надреализмот, егзистенционализмот, експресионизмот, фашизмот, футуризмот, реализмот, модернизмот, постмодернизмот, симболизмот, романтизмот, класицизмот, импресионизмот, колонијализмот, тоталитаризмот, протестантизмот, американизмот, традиционализмот, опскурантизмот, сатанизмот, дадаизмот, структурализмот, постструктурализмот, окултизмот, милитаризмот, атомизмот, квантата механика, софизмот, селафизмот, џихадизмот, хуманизмот, католицизмот, православието, психоанализата, контракултурата и рокенролот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top