| четврток, 6 декември 2018 |

Д-р Филипче: Механичка тромбектонија ќе почне да се применува на Клиниката за неврохирургија

Доктор Филипче е првиот „хибриден” неврохирург во Македонија, како и во регионот на поранешна Југославија, што е едуциран во класичната и во ендоваскуларната неврохирургија, што значи дека пациентите може да се третираат оперативно или со ендоваскуларен метод (со катетар) за сите васкуларни малформации на мозокот и на ’рбетниот столб

Во Скопје, според статистиката, на 600 илјади жители дневно се случуваат меѓу 10 и 15 мозочни удари. Фактите говорат дека 40 проценти од популацијата на возраст меѓу 35 и 60 години има хипертензија, а возраста на пациентите се намалува поради стилот на живот. Зголемен е бројот на пациентите на возраст меѓу 30 и 35 години што имаат дефиниран мозочен удар, а тоа значи дека веќе имаат промени на крвните садови за да може да се дефинира мозочен удар.

Мозочните удари (инсулти) се делат на две главни групи: хеморагични и исхемични. Во хеморагичните мозочни удар има излевање на крв во мозокот или, пак, во неговите обвивки. Крвта може да биде во поголемо или во помало количество.

Исхемичните мозочни удари се предизвикани од опструкција (тромбоза) во внатрешноста на крвниот сад со што се предизвикува мозочна исхемија. Последователно на тоа, ако не се воспостави повторна проодност низ крвниот сад, изумираат деловите од мозокот што биле снабдувани со крв од тој крвен сад.

Хеморагичните мозочни удари, најчесто, се предизвикани од некоја васкуларна аномалија, која е можно да биде генетски условена или, пак, од покачен нерегулиран крвен притисок. Кај исхемичните мозочни удари, освен фамилијарната историја, голема улога играат и возраста, начинот на живеење, исхраната, физичката активност, пушењето и евентуалниот висок крвен притисок.

Бројот на исхемични мозочни удари е сѐ поголем кај луѓето под 65 години. Еден од четири мозочни удари се јавува кај пациенти од ова возрасна група. Тоа се должи на зголемената телесна тежина, високиот крвен притисок, дијабетесот. Мозочниот удар се манифестира на различен начин во зависност од генетската предиспозиција која ја детерминира т.н. колатерална мрежа на мозочните крвни садови. Оттука, некои пациенти  мозочните удари ги поминуваат на нога, односно не се манифестираат никако, други завршуваат со нагол смртен исход, а најголемиот дел се манифестираат со слабост на едната страна од телото, искривување на лицето, тешкотии со говорот или компромитација на свеста. Во светот се етаблираше акронимот FACT (face, arm, speech и time – лице, рамо, говор и време) како аларм за препознавање на овие симптоми и брзо јавување во соодветна болничка институција, вели во интервјуто за „Република“ доктор Венко Филипче, специјалист неврохирург од Универзитетската клиника за неврохирургија.

Venko-Filipce-zdr207-13

Д-р Филипче: Мозочниот удар се манифестира на различен начин во зависност од генетската предиспозиција

Доктор Филипче е првиот „хибриден” неврохирург во Македонија, како и во регионот на поранешна Југославија, што е едуциран во класичната и во ендоваскуларната неврохирургија, што значи дека пациентите може да се третираат оперативно или со ендоваскуларен метод (со катетар) за сите васкуларни малформации на мозокот и на ’рбетниот столб.

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за методот механичка тромбектонија кој наскоро ќе почне да се применува на Клиниката за неврохирургија?

ФИЛИПЧЕ: Периодот до шест часа што следува од почетокот на симптомите е „златен период” во кој, доколку се интервенира со соодветен метод, последиците од мозочниот удар значајно може да се намалат или да се елиминираат.

Станува збор за метод наречен механичка тромбектонија со кој со посебна техника на навигација низ мозочните крвни садови се стигнува до тромбот што го затнува крвниот сад и тој се извлекува надвор, со што се воспоставува нормален крвен проток во мозокот. На Клиниката за неврохирургија се набавени сите материјали за овој метод и наскоро почнуваме со негово аплицирање.

Дали овој метод се применува само за мозочни удари?

ФИЛИПЧЕ: Не станува збор само за мозочен удар, туку и за церебрални аневризми и за васкуларни малформации на мозокот. Со тоа се избегнува класичен оперативен третман на овие промени, а пациентите се третираат со многу помал ризик од компликации, како и пократко време на болничко лекување.

Дали температурните разлики што ни се случуваат може да бидат причина за зголемена појава на мозочни удари?

 

ФИЛИПЧЕ: Зголемената температура е дополнителен ризик за појава на мозочен удар, освен болеста на крвните садови, дебелината, физичката неактивност и дијабетесот.

Колкави се шансите да се повтори ударот кај пациентите што веќе еднаш го преживеале?

ФИЛИПЧЕ: По преживеан мозочен удар пациентите примаат терапија со која значајно, но не и целосно, се елиминира ризикот од повторен удар.

Дали стресниот начин на живот влијае врз зачестените мозочни удари?

ФИЛИПЧЕ: Стресот е значаен фактор на ризик кој четири пати повеќе го зголемува ризикот за мозочен удар.

Какви се вашите препораки за пациентите?

ФИЛИПЧЕ: Новите студии покажуваат дека внесувањето помалку калории од дневно препорачливите дози може да го забави процесот на склероза на крвните садови, нервна дегенерација, па дури и малигни болести. Значи, да се јаде помалку. Секојдневно е потребна физичка активност.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Фото: Република

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top