| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија на саем на книга во Кина: Издавачи од Шангај заинтересирани за македонските автори

Состаноци со директори и заменици ­директори на три издавачки куќи од Пекинг, работни средби со менаџерите на две големи кинески дистрибутерски фирми кои понудија продажба на антологиите на македонската книжевност преведени на кинески јазик во Кина, интервју на Јовица Тасевски-­Етернијан за пекиншка телевизија, беа дел од активностите на 23. Меѓународен саем на книгата во Пекинг каде Република Македонија беше успешно претставена.

Главен акцент на македонскиот штанд беше ставен на презентирањето на книгите од капиталниот издавачки проект Превод на антологии на македонската книжевност на шест странски јазици: кинески, руски, француски, германски, шпански и арапски. На македонскиот штанд беа изложени и дел од книгите од проектот Превод на англиски јазик на 135 тома „Македонска книжевност”, како и монографии за македонското културно наследство и други публикации.

Штандот на кој Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” го претстави македонското книжевно творештво, континуирано го привлекуваше вниманието на посетителите кои беа особено заинтересирани за антологиите на македонската книжевност преведени на кинески јазик, како и за македонското културно наследство.

Тасевски-­Етернијан во интервјуто информираше дека комплет од антологиите на македонската книжевност преведени на кинески јазик, заинтересираните читатели можат да најдат во Националната библиотека на Кина.

Во рамки на саемот беше одржан и состанок со директорката за меѓународна соработка на групацијата во која членуваат педесет издавачи од Шангај кои беа заинтересирани за објавување книги од македонски поети, романсиери и писатели за деца. Реализирани беа состаноци и со директорот на центарот „Ксијан” при издавачот „Комерцијален печат” во врска со превод и издавање книга за македонските цркви и фрескосликарството и со заменик­ директорката на издавачкиот центар на универзитетот Југозападен Џијаотонг за превод и издавање на стручна литература.

На кинеските издавачи им беше презентиран Конкурсот на Министерството за култура на Република Македонија за странски издавачи за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици. На штандот беа остварени средби и со неколку преведувачи и универзитетски професори кои исто така пројавија интерес за конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на дела од македонски автори.

Македонскиот штанд на саемот го посетија висока делегација на Министерството за култура на Република Македонија предводена од заменик­министерот Драган Недељковиќ и Бекри Ајдини од Амбасадата на Република Македонија во Пекинг.

Република Македонија беше вклучена меѓу 16 држави од Централна и Источна Европа кои имаа почесно место на 23. Меѓународен саем на книга во Пекинг. Република Македонија и македонскиот штанд беа претставени и во печатеното и во он­лајн списанието на организаторот на саемот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top