| четврток, 6 декември 2018 |

Скандал во Шпанија: Калуѓерки тргувале со бебиња

Шпанската полиција разби мрежа која се сомничи дека повеќе од 30 години криумчарела бебиња, оперирајќи меѓу Мароко и Шпанија преку ибериската енклава Мелиља, а во мрежата се вклучени и две калуѓерки.
Шпанската цивилна гарда, која две години водела истрага под назив „Тајна операција“, соопшти дека идентификувала 31 лице вмешано во криумчарската мрежа, меѓу кои две калуѓерки, здравствени работници и други, пренесе МИА.
Една калуѓерка е меѓу 12 обвинети за криумчарење деца, но осомничените можеби никогаш нема да издржуваат затворски казни бидејќи некои од нив починале, а други се во лоша здравствена состојба, или се многу стари.
Извори од цивилната гарда наведоа дека најмалку 28 деца се продадени преку мрежата која е воспоставена уште во 70-те години на минатиот век, а речиси сите сега живеат во шпанскиот град Валенсија.
Четиринаесет жртви, кои сега се возрасни лица, се идентификувани, откако мрежата била откриена, а тие дури не ни знаеле дека се посвоени.
Бебињата биле купувани од сиромашни жени во Мароко за сума од 1.200 до 6.000 евра и продавани во Шпанија, каде пристигнувале со лажни документи.
Цивилната гарда во Мелиља почнала истрага откако здружението одговорно за нерегуларни посвојувања „Анадир“ поднело кривична пријава против канцеларијата на шпанскиот јавен обвинител во ноември 2011 година.
На крајот од повеќемесечната истрага и анализа на податоците на породилиштата во Мелиља и матичните книги во повеќе шпански градови, заклучено е дека зад криумчарските операции стојат три сестри, родени во мароканскиот град Тетуан.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top