Виктор Вазарели, еден од најпознатите творци во светската современа уметност од вечерва може да го види и македонската публика во галеријата „Остен“ во Скопје. Изложбата ќе трае до 28 мај ќе биде поставена по повод Денот на Европа. Изложбата брои околу 70 уметнички дела на Вазарели – три цртежи, два колажа, четири дела со комбинирана техника, пет скулптури и голем број сериографии на основачот на оп-артот од неговиот ран „графички“ период, преку периодот „Вега“ до 80-тите години.

Сите се во сопственост на галеријата, која во својата колекција има 90 дела на Вазарели од колекцијата на Тибор Чепеи, Унгарец, поранешен пријател на славниот уметник, кој беше носител на наградата Светско културно наследство во рамките на 37. Светска галерија на цртеж во Скопје пред четири години. Токму Чепеи донесе една од најобемните изложби за творештвото на Вазарели во МСУ пред пет години, кога 6.500 посетители видоа 180 дела од големиот уметник.
Во некој од наредните денови во рамките на изложбата ќе биде прикажан 55-минутен документарен филм за Вазарели на Унгарската национална телевизија.
„Остен“ ја организира изложбата заедно со делегацијата на Европската Унија, Унгарската амбасада во земјава и Францускиот институт од Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


