| четврток, 6 декември 2018 |

Ахмети: Албанците никогаш не го оспорувале идентитетот на Македонците

Претседателот на Демократската унија за интеграција и коалиционен партнер во власта, Али Ахмети, кој се наоѓа во неколкудневна посета на САД, направи споредба на состојбата во Македонија, пред и по вооружениот конфликт во 2001 година. Според него, Македонија со имплементацијата на Охридскиот договор се движи во вистинска насока и нема дилеми дека е направен голем чекор кон поголемо интегрирање на Албанците во институциите на системот, јави Гласот на Америка на македонски јазик.

Ахмети оценил дека Албанците повеќе не се чувствуваат како кираџии во својата земја иако, според него, Охридскиот договор е компромис од кој двете страни нешто губат, а нешто добиваат. Според него, само со дијалог и меѓусебно разбирање меѓу Албанците и Македонците може да се надминат разликите. Тој призна дека има различни толкувања во спроведување на Охридскиот договор, но не пропушти да се заблагодари на меѓународната заедница, особено на САД, за помошта во негово постигнување, а со кој беше смирена ситуацијата во 2001 година.

Ахмети вака го прикажа односот на етничките Албанци кон Македонците: „Албанија го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Албанците никогаш не го оспорувале идентитетот на Македонците. Ние сме единствена нација во регионот која никогаш не покренала прашање за идентитетот на нашите сограѓани и соседи“, истакна лидерот на ДУИ.

 По прашањето за името, Ахмети рече дека до 2003-та не ни знаел за проблемот со кој се соочува Македонија, кој според него е ирационален. Потенцираше дека Македонија никогаш не отстапила од заложбата за добри односи со соседите, рече тој.

 „Ги уверував Папандреу, Бакојани, Маљас…, дека Македонија нема територијални претензии кон Грција. Грчкиот суверенитет и територијален интегритет никогаш не бил под закана“, оцени првиот човек на ДУИ.

Ахмети истакна дека нема нема разлики со коалициониот партнер за иднината на Македонија во ЕУ и НАТО.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top