| четврток, 6 декември 2018 |

Во овие земји и за децата до 16 години може да поминете бесплатно

Бесплaтно сместување за петгодишно дете можете да најдете скоро секаде, но кога сакате и вашиот тинејџер да патува по пониска цена, немате голем избор.

– За да се оствари попуст или бесплатно сместување, старосната граница се менува од хотел до хотел и најчесто се работи за деца до шест години. Сепак, повеќето од нив нудат олеснување само за едно дете, додека хотелите во Египет и Турција воглавно овозможуваат гратис летување за две деца и имаат највисока старосна граница. Во тој поглед, најнеблагодарни за патување со деца се дестинациите Сицилија и Кипар – велат од српската агенција „Биг блу“.

Туристичките агенти велат дека е многу важно убаво да се погледне понудата и да се пресмета, бидејќи често се случува многу поскапите и поквалитетни хотели да испаднат многу поевтина варијанта, бидејќи нудат бесплатно сместување за деца до 12 или до 14 години.

– Она што е потребно да се нагласи е дека секогаш се создава забуна дали детето остварува попуст исклучиво ако е во придружба на две возрасни лица. Исто така, често само едното дете може бесплатно да патува, а за второто треба да се плати. Забуна се јавува и за бројот на кревети, бидејќи доколку аранжманот е бесплатен за дете, тоа најверојатно нема да има свој кревет. Се подразбира дека тоа ќе спие со родителите, бидејќи дополнителниот кревет се наплаќа – вели директорот на Српската асоцијација на туристички агенции Александар Сеничиќ.

Според него најповолни услови за патување со деца нудат хотелите во Турција и во Египет.

– Се поголем број на хотели во Грција и во Шпанија нудат бесплатен престој за деца до 12 години, но во Турција и Египет се наоѓаат места каде не се плаќа ни за тинејџери до 16 години – вели тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top