| четврток, 6 декември 2018 |

Романот „Нишан“ од Блаже Миневски на врвот на бестселер-листата во Ерменија

Романот „Нишан“ на Блаже Миневски, кој во почетокот на годинава во превод на Арминe Пилојан беше објавен на ерменски јазик во издавачката куќа „Антарес ЛТД“ од Ереван, неколку месеци е во самиот врв на најугледната бестселер-листа во Ерменија.

На листата бестселери на ерменската новинска агенција „Armenpress“, направена според бројот на продадени примероци, пред романот на Миневски, во јануари, на пример, беше само „Малиот принц“ од Егзипери, а зад него романите „Алхемичарот“ на Куељо, „Неподнослива леснотија на постоењето“ на Кундера, „Инферно“ на Ден Браун, „Марсовски  хроники“ на Реј Бредбери, „Сто години самотија“ на Маркес, „Виновни се ѕвездите“ на Џон Грин…, додека на истата листа за април романот на Миневски е на четвртото место, зад двете историски книги за геноцидот на Ерменците во Турција, и зад романот „Лубов во време на колера“ на Габриел Гарсија Маркес.

„Нишан“ е прв македонски роман објавен во Ерменија, а за него меѓудругото се вели дека влегува во категоријата на ’романсиерски чуда’, дело кое, и покрај сета своја сложеност и несомнена длабочина, освојува веднаш, како магија.

Освен на ерменски јазик, романот „Нишан“ досега е објавен и на српски јазик во Белград, а до средината на следната година ќе биде објавен и на арапски во Каиро, на кинески во Шангај, на италијански во Милано, на бугарски во Софија и на словенечки јазик во издавачката куќа „Цанкарјева заложба/ Младинска книга“ во Љубљана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top