Женскиот ракометен клуб Вардар ја освои првата, историска титула во домашното првенство, по втората победа над актуелниот првак Металург, со 21-18, во Автокоманда. Новиот првак ја доби серијата во финалето со 2-0 во победи.
Ракометарките на Вардар беа подобри во текот на целиот меч, не му дозволија на противникот да води во ниту еден момент од мечот. Почетокот беше слаб и за двете страни, па првиот гол падна во петтата минута, а Вардар поведе со 1-0. По неколку гола на двете страни и нерешените 3-3, гостинките ја презедоа иницијативата, ги користеа грешките на ракометарките на Металург и поведоа со 7-3. Руската голманка Ина Суслина, бранеше извонредно и не дозволи домаќините да дадат повеќе од 7 гола, во првите 30 минути. И на спротивната страна гледавме бравурозни интервенции на Тања Андреева, па на одмор се замина со само 15 гола вкупно, или со предност на Вардар од 8-7.
На стартот на вториот дел, преку расположената Башиќ, домашниот тим израмни на 10-10, но оттогаш почна кризата, што умешно ја искористија девојките во „црвено-црни“ дресови. Вардар постигна 7 гола, прими само два и поведе со 17-12, што беше клучно за исходот на вториот натпревар. Првиот го доби Вардар со 24-16. Овојпат не беше толку убедлива предноста, но сепак е доволна за големо славје и прва домашна титула.
Левото крило Дмитровиќ, повторно беше најефикасна кај Вардар со 8 гола, а играч на натпреварот беше Суслина со 20 одбрани. Кај Металург најзабележителна беше Башиќ со 5 гола, а Андреева одбрани 14 удари и еден пенал.
Вардар е само третата екипа што има шампионска круна, по Кометал Ѓорче Петров со 17 титули и Металург со серија од три трофеи, во последните 3 сезони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


