| четврток, 6 декември 2018 |

Препораки на лекарите: Како што се облечени возрасните на жештините, истото важи и за децата

Ако ти е тебе жешко, тогаш и на бебето му е жешко. Она што важи за лето – лесна, светла и тенка облека, задолжителен шешир или капа за сонце, очила за сонце, крем со заштитен фактор, важи и за бебињата. Бебињата и доенчињата најдобро е да бидат изложени на сонце од 8-11 часот наутро после 17 часот попладне, препорачуваат лекарите.

Пејачката Тамара Тодевска  претходно објави статус на социјалните мрежи со кој ги обвинува мајките кои им облекуваат чорапи на бебињата додека надвор е премногу жешко.

-Бебињата имаат поголем процент на вода во нивното тело во споредба со возрасните, а нивната тенка кожа која сѐ уште не е квалитетна бариера дозволува поголема загуба на вода кога надворешната температура е висока. Затоа е потребно внимание од страна на родителите, односно ако станува збор за доенче – мајката треба почесто да му дава да цица, а на малото дете да му се даваат почесто течности. Храната кај дечињата исто така треба да е свежо подготвена, овошјето и зеленчукот да се доста застапени и добро измиени. Облеката треба да е од тенки и природни материјали, со долги ракави и ногавици кои дополнително ќе ја заштитат кожата од дејството на сонцето, треба да се носи капа и очила за сонце – објаснува д-р Галина Наќеска, специјалист дерматовенеролог во ЈЗУ „Железара“, Скопје.

Според неа, препораките кои важат за возрасните, се однесуваат и на бебињата.

– Во овие летни горештини се препорачува децата да не престојнуваат долго време на сонце, како и возрасните впрочем. Секако, тие имаат послаба циркулација и треба да бидат заштитени, но во принцип, она што им се препорачува на возрасните, важи и за бебињата – вели д-р Наќеска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top