| четврток, 6 декември 2018 |

Бабунски стрелец на два гола за Црвена Звезда

david-babunski-crvena-zvezda

Комбинираниот состав на „црвено-белите“ го совлада словенечкиот нисколигаш Радомлје со 3-1 во последниот подготвителен натпревар во Словенија пред квалификациите за Лигата на Шампиони, а главна ѕвезда на натпреварот беше нашиот Давид Бабунски. Ова беше последна проверка на тренерот Миодраг Божовиќ, кој на овој меч настапи без стандардните првотимци, шанса добија тие од кои очекува да бидат голема конкуренција во тимот и да се борат за влез во првиот тим.

А токму нашиот млад репрезентативец, Давид Бабунски максимално ја искористи својата шанса. Одигра одличен меч, беше стрелец на два и асистент на еден гол.

Првиот гол го постигна во 19. минута од пенал. Во финишот на првото полувреме Бабунски одлично нафрли од корнер, по што Урош Рачиќ зголеми на 2-0.

Во 65. минута Давид имаше извонреден соло пробив по што биеше прецизно, постигнувајќи го својот втор гол и заслужено епитетот „играч на мечот“.

Фудбалерите на Црвена Звезда во вторник патуваат во Малта, каде ги очекува дуелот од 2. коло во квалификациите за Лигата на Шампиони против тимот на Валета. И покрај мастралната игра на Бабунски во последниот подготвителен меч, тренерот Божовиќ се одлучи да не го стави во списокот на патници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top