| четврток, 6 декември 2018 |

Беќир Асани обвинет за нападот врз Тодор Петров

Претседателот на чаирскиот разгранок на ДУИ, Беќир Асани, и две други лица Б.Е. и Е.А, се обвинети за насилство врз претседателот на Светскиот македонски конгрес и иницијатор за поставување на 50-метарскиот крст во Бутел, Тодор Петров, пишува „Дневник“.

По спроведената истражна постапка и комплетирањето на доказниот материјал, Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 денес поднесе обвинение против три лица, меѓу кои е и Асани, за кривичното дело насилство. Според обвинението, Петров во присуство на уште едно лице како гостин во ресторанот „Kазабланка“ во близина на Скопскиот саем, на 27 февруари , околу 12.30 часот бил физички нападнат од обвинетиот Б.Е. и едно непознато лице, кои со тупаници го удирале во главата. Сакајќи да се заштити, оштетениот се повлекувал наназад и влегол во блиското сепаре и сместувајќи се во агол со рацете ја покривал главата. Во нападот се приклучиле и обвинетите Е.А. и Беќир Асани со уште едно непознато лице и продолжиле да го удираат Петров со тупаници и клоци во главата и телото. Асани го фатил Петров за врат и го турнал, но и му се заканил. Според Обвинителството, од ударите Петров добил телесни повреди – потрес на мозок, контузии на коски на лицето, како и површински повреди на лицето. Истовремено кај Петров, како и кај други лица што биле во ресторанот, било предизвикано чувство на страв, загрозеност и несигурност.

download

Асани вчера не коментира за обвинението против него. Тој за „Дневник“ тврдеше дека не го тепал Петров, иако претседателот на Светскиот македонски конгреспосочи дека тој бил главен во групата што го претепала во еден скопски ресторан, по поставувањето на камен-темелникот за изградба на големиот крст во Бутел. Петров беше претепан од шефот на чаирскиот разгранок на ДУИ и други лица по поставувањето на камен- темелникот на педесетметарскиот крст во Бутел. ДУИ преку протести се обиде да го спречи поставувањето на темелите на крстот. По ова на кружниот тек каде што требаше ад биде поставен крстот, ДУИ подигна камп и ги оштети темелите на крстот. Протести имаше и на граѓани од Бутел, кои бара Општината и градот Скопје да овозможат поставување на крстот. Иницијативата за поставување на крстот во Бутел ја оспори пред Уставниот суд претседателот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села. Се чека одлука на Уставниот суд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top