| четврток, 6 декември 2018 |

Три години од “Мој термин” – најголемиот електронски систем во државата

мој термин

Националниот систем за електронски евиденциии во здравството „МојТермин“ одбележува три години од функционирањето. Станува збор за најголем електронски систем во здравството, кој е и најобемен во рамки на институциите во Република Македонија.

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека овој систем прерасна во своевиден бренд во областа на здравството кај нас, но и во регионот, во Европа, а и пошироко, кој одамна веќе не е само систем за закажување прегледи, туку е најголема и најважна база на податоци која се гради и полни во реално време и претставува одлична основа за градење на здравствени политики.

Изминатите три години заедно со тимот од „МојТермин“ и Министерството за здравство, посочи, се соочивме со многу предизвици во делот на имплементирање на системот, вложивме многу труд, ентузијазам, напори и целосно се залагавме за успешна имплементација на една од најголемите реформи во македонското здравство. Потенцира дека тој тим почнал како една мала проектна единица со неколку луѓе, а денеска е оформен солиден тим сериозно искусен и посебна институција која во иднина кадровски ќе се доекипира.

– Во изминатите три години во системот се креирани над 1.835.500 електонски медицински досиеја односно 1.835.500 граѓани имаат електронски здравствен картон во рамки на системот „МојТермин“. Во овие три години 1.639.730 пациенти побарале 68.817.800 рецепти. Ова е и бројот на издадени електронски рецепти во државата за овој период. Од нив, 83 проценти се реализирани, додека за 1.728.700 пациенти биле креирани 20.911.000 електронски упати, рече Тодоров и додаде дека обемноста на системот ја покажува и неговата интегрираност со други системи.

Според него, овој систем е интегриран со над 70 софтверски компании преку кои секојдневно пристигнуваат над 1,5 милиони побарувања. Во однос на бројот на корисници, појасни, тој постојано се зголемува и во овој момент има над 15.300 корисници. Нагласи дека секојдневно во просек се најавуваат минимум 8.000 уникатни корисници, што, според него, овој систем го прави еден од најголемите, ако не и најголем во државата.

– Во овој период од три години во областа на интерната медицина биле дури 15 проценти од сите услуги во оваа специјалност односно во областа на интерната медицина досега се креирани 1.765.000 упати. Офталмологија е втора со 853.000, рендген дијагностика со 786.000 итн., истакна Тодоров.

Замајќи го предвид бројот на доктори по установа и бројот на прегледи и пациенти, посочи, установата која извршила најмногу прегледи во изминатиот период е Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, каде во просек докторите во изминатите три години прегледале по 5.000 пациенти. Според Тодоров, тоа е огромен просек и го покажува бројот на пациенти по доктор. Потенцира дека во приватната здравствена установа во Струмица, „Кардиолек“ доктор интернист во три години прегледал дури 15.300 пациенти.

– Системот „МојТермин“ одамна како бренд ги надмина границите на Република Македонија, веќе е имплементиран и се користи во Република Србија и во 13 болници во Австралија. Има сериозен интерес за овој систем и од неколку други држави во регионот, додаде Тодоров.

Тој му честиташе на целиот тим на „МојТермин“ на целата Управа за електронско здравство, на сите вработени кои, како што рече, со голем труд, напор, посветеност и ентузијазам и многу знаење успеале да го развијат и имплементираат најголемиот систем во државата.

Директорот на Управата за електронско здравство „МојТермин“, Милан Аризанковски рече дека „МојТермин“ не е само систем за електронско закажување на прегледи и интервенции, туку е и систем во кој се вклучени и огромни други модули кои ја градат таа здравствена база на податоци.

Од поголемите модули или поголемите функционалности кои се вградени во системот, посочи, се сите типови упатувања кон секое ниво на здравствена заштита и сите детални резултати и извештаи од тие упатувања, а креирањата и реализацијата на рецептите целосно се следат од нивното креирање од матичен лекар до нивната реализација во аптеките.

Истакна дека огромен модул е и модулот за болничкото работење кој може да биде и многу спефицифичен во однос на Клиниката односно болницата или специјалноста во која се употребува, како и оној за следење за закажување на хирушките интервенции.

– Другите функционални и поголеми модули кои се користат редовно се модулот за рано откривање на рак на дојка односно скринингот, модулот за препишување и реализација на инсулинот и деталното следење на инсулинот низ инсулинските аптеки, 35 регистри и индивидуални пријави за различни болести, модулот за следење на листа за трансплантација, како и одредување на компатибилност меѓу донор и пациент, модулот за следење на биомедицинско потпомогнато оплодување, како и оние за следење на ефективноста на работењето на установата односно на директорите и докторите, рече Аризанковски.

Нагласи дека годинава работат и на неколку клучни надградби на системот односно на модулот за детално следење на имунизацијата и точно ќе се знае кои деца се вакцинирани, кои се во план да се вакцинираат во наредниот период, со што ќе се планира и набавката на вакцини и нивна прераспредлба во здравствените домови, централната евиденција на работното време во сите јавни здравствени установи…

– Продолжуваме и со надградбата на националниот систем за материјално и сметководствено работење, кој го почнавме пред година и пол, додаде Аризанковски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top