| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба „Чиста соба“ на Маја Кировска во Португалија

Самостојна изложба со наслов „Чиста соба“ на Маја Кировска ќе биде отворена утре, 1 јули, во историската градба „Каза да Гарида“ (Casa da Garrida), која се наоѓа во кампусот на Универзитетот „Фернандо Песоа“ во Понте де Лима, еден од најстарите градови во Португалија.

На изложбата ќе бидат претставени пет комплексни дела, инсталации кои вклучуваат фотографии, графика, објекти, видеа и звук.

Изложбата, која ќе биде отворена до 30 август, ќе се одржи во рамки на уметничката манифестација АРТ­-MАП, која е кураторска иницијатива за промоција на современа уметност од португалски и интернационални уметници во различни градови во Португалија.

На годинашното издание на АРТ-МАП учествуваат 120 уметници од светот. Соработката меѓу Маја Кировска и АРТ-МАП почна во 2015 година, на изданието на АРТ­-MАП, насловено „Поезијата во визуелното“, кое се одржа во Авеиро, Португалија, каде што Кировска, на групна изложба се претстави со две свои инсталации „Организми“ и „Реанимирано“ во Музејот на Авеиро.

Изложбата „Чиста соба“ првпат беше претставена во галеријата „КО-РА“ на Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, во периодот од 24 декември 2014 година до 15 јануари 2015 година под кураторство на Виолета Калиќ.

Во 2015 година Маја Кировска со оваа изложба ја доби наградата „Вангел Коџоман“ за најдобра изложба во 2014 година, доделена преку Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top