Денеска беше промовирана новата книга насловена „Бајки тралалајки“, со поднаслов „за урбани клинци и напредни мајки“, на авторот Љубомир Грбевски – Џери, која е во издание на „Дирекцијата за култура и уметност“ и е дел од годинашната програма на „Скопско лето“.
Долгогодишниот пријател на Грбевски Јаков Дренковски ја збогати промоцијата свирејќи дел од своите песни, за кои текстовите ги има напишано токму Грбевски. Актерот Рубенс Муратовски читаше дел од стиховите во книгата.
Станува збор за нова книга на современата македонска драмска литература за деца и младинци. Шегобијно насловена „Бајки тралалајки“, драмите на Грбевски не се само структурирани во духот на бајковидното раскажување туку креативно и низ пародиска призма ги преиспитуваат моделите на сказната и на басната. Всушност, уште со насловите на своите пиеси авторот ефектно ни сугерира еден од клучните делови на традиционалната бајка поврзана со пресвртот во фабулата, како што е трансформацијата на јунакот, од шут во цар. Притоа влегувајќи во дијалог со бајковидната раскажувачка традиција, овиедрамски бајки едновремено нудат и сатирично преиспитување на нашата реалност.
Ова е е трета книга на Грбевски со слична тематика, која овој пат ја потпишува под псевдонимот Грррбевски.
Негова прва книга, насловена „Стихови празни и рими безобразни“, е објавена во 1991 година, која доживеа две изданија, а втората „(Хоро)скопски шеми“ излезе во 2009 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.