Може ли нешто да мрдне во Струмица без да немаат увид во тоа Зоран Заев и неговиот клан, во чиишто раце е локалната власт веќе 11 години? За тоа како се раководи со Општината барем досега трипати беше потресувана целата јавност. „Глобал“ тежеше 8 милиони евра, за што градоначалникот Зоран Заев ужива во својата аболиција. За потсетување, кога почна „Глобал“, СДСМ се најде пред судот правејќи огромен притисок врз судството, а тогашниот претседател на државата, чиешто место Заев му го чуваше во партијата, го помилува за никогаш веќе да не одговара. Додека деновиве неколку пати се „закани“ дека ќе побара нејзино повлекување, Заев игра криенка со судските власти за случајот „Поткуп“ од 200.000 евра за приватизација на земјиште. Иако на видеоснимката која протече во јавноста јасно се гледа и слуша струмичкиот градоначалник како бара пари – познато и како „едно евро кај Вицето“ по квадратен метар општинско земјиште – тој вели дека бил наместен, а амбиции за предметот има и специјалната обвинителка Катица Јанева. За потсетување, Заев успеа да ја вплетка и општинската администрација во аферата „Пуч“.
Сега на виделина излегува уште еден случај за прелевање од општинската во касата на партиските војници на Заев. ВМРО-ДПМНЕ почна со речиси секојдневно вадење документи на кои е наведена компанија на близок сопартиец на Заев дека добива тендери преку своите три сестрински фирми и на кои биле исплаќани големи суми пари.
Скандалот се отвори со ученичкиот превоз во Струмица, кој полека, но сигурно почна да го гази Зоран Заев. За оваа услуга општинските власти, кои ги диригира кланот Заеви, ја определиле компанијата „Тритерол“ на познат локален партиски функционер на СДСМ.
– За 2014-2015 година Општина Струмица има склучено договор за јавна набавка за превоз на ученици, односно деца со посебни потреби во ООУ „Сандо Масев“, и за вработените од општинската администрација. Договорот е склучен со фирмата „Тритерол“, која е единствен понудувач на тендерот во износ од 1.864.800 денари. Парите се обезбедени, а јавна тајна е дека учениците и вработените во администрацијата не ја добиваат услугата, односно нема превоз – посочи Васил Пишев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен кандидат за градоначалник на Струмица од оваа партија.
Во тој договор паѓа в очи тоа што за иста релација општината има два договори, еден со „Тритерол“, а вториот со „Струмица експрес“. Но, со различни цени. За релацијата Рич – Попчево – Раборци – Струмица, „Струмица експрес“ наплатува по 103 денари по ученик, додека „Тритерол“ зема 126 денари по ученик.
– Вредноста на договорите со „Струмица експрес“ е 510.300 денари, а за „Тритерол“ 612.905 денари – рече Пишев.
Фирмата „Тритерол“ е во сопственост на членот и функционер на СДСМ, Лефтер Андонов. Тој од 2008 година е потпретседател на партиската младина, а по две години станува координатор на југоисточниот регион на СДСМ. Според Пишев, откако Андонов ја наследува компанијата, таа е фаворит за голем број општински тендери.
– На 16.9.2014 година фирмата на функционерот на СДСМ добива 8 тендери во ист ден во вкупна вредност од 17.905.040 денари… Дополнително, оваа фирма од општината Струмица има добиено уште 4 тендери во вкупна вредност на договорите од приближно 700 илјади денари… Најскандалозно, само со еден тендер склучен на 2 септември минатата година, фирмата „Тритерол“ ДОЕЛ добила 37.842.120 денари или само со еден тендер 615 илјади евра. Или вкупно „Тритерол“ од општина Струмица, со која управува Заев, добила тендери во висина од околу еден милион евра, на една фирма, на функционер на СДСМ – посочи Пишев.
Иако и СДСМ и Зоран Заев, па и директорот на компанијата, јавно тврдеа дека нема таков тендерски договор, на виделина беа извадени и документи според кои, не само за превозот, партискиот соработник на Заев добивал општински пари и преку две други сестрински компании, „Тритерол бенз“ и „Тритерол турс“ .
– Фирмата „Тритерол“ ДООЕЛ на функционерот на СДСМ Лефтер Андонов не е единствената што добила околу еден милион евра од Општина Струмица. Тендери од Општина Струмица добиле уште две други фирми на Лефтер Андонов со име „Тритерол бенз“ и „Тритерол турс“ ДООЕЛ. Во игра се милиони, а фирмите на Лефтер се апсолутно фаворити за добивање на сите тендери во Струмица. Преку фирмата „Тритерол бенз“ функционерот на СДСМ Лефтер Андонов ја снабдува Општина Струмица со нафта, па така во ист ден „Тритерол бенз“ добива три тендери во декември 2012 година во висина од 1,5 милион денари – изјави Пишев, кој надоврза дека истата фирма претходно добила друг тендер во висина од 389.400 денари. Истата „Тритерол бенз“ тендери добила и од струмичкото ЈП „Комуналец“, и тоа во ист ден во висина од цели 12.120.000 денари. Во 2014 година третата фирма на Лефтер Андонов „Тритерол турс“, исто така, добива тендер од Општина Струмица од дополнителни 115.640 денари. Со други зборови, фирмите на функционерот на СДСМ Лефтер Андонов се апсолутни фаворити на сите тендери на Општина Струмица. Кланот Заеви се зголемува и збогатува со уште една фирма. Затоа ваквите сериозни сомневања за криминал мора да бидат расветлени – посочи пратеникот Пишев на прес-конференција.
Веројатно е дека од влегувањето на овој број на „Република“ во печатница, па и во деновите додека да дојде до рацете на читателите, оваа афера ќе добие и нови продолженија и нови димензии. Особено откако набавките на превоз во Струмица накратко се најдоа и среде собраниската седница за отповикување на претседателот. Но, тоа што во меѓувреме падна в очи беше автобускиот превоз со кој беа носени членовите на СДСМ во Скопје на последниот протест на опозицијата. Имено, токму автобусите на компанијата „Тритерол“,ангажирани за транспорт на демонстрантите, беа меѓу „уловените“ од фоторепортерите пред почнувањето на протестот. Оттука, се поставува прашањето за што плаќала Општина Струмица кога го доделила тендерот на фирмата на партискиот функционер на СДСМ?
Случајот во кој е посочена компанија на член на СДСМ дека зема општински тендери во висина од околу еден милион евра, мора да биде испитан и да добие правна завршница. Изјавата на Заев дека се работело за деца со посебни потреби, а потоа и општинската организација и директорот на компанијата истакнаа дека таков тендер немало, отвора огромно место за сомневање во работењето на администрацијата на Заев и во делењето на тендерите во Струмица. Прашање е само дали случајот ќе го работи СЈО, онака како што бара ВМРО-ДПМНЕ или, пак, ќе го почне Основното јавно обвинителство, за потоа, очекувано, Заев и Јанева да бараат да биде преземено од СЈО.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 199. број на неделникот „Република“, 24.06.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.