Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика регистрира зголемен број пријави и информации за сомненија за сторени кривични дела од областа на интернет измамите каде најчесто жртви се македонски граѓани и правни лица од земјава.
Како што соопштуваат од МВР, измамите најчесто се вршат така што имеил адресата со која комуницира македонскиот правен субјект со своите соработници од земјава и странство, а преку која се договараат деловни зделки и уплати на парични средства е злоупотребена односно емеил адресата и лозинката се украдени при што содржината на истата е под контрола на измамниците. Измамниците пристапуваат до имеил адресата, тајно ја надгледуваат имеил коресподенција и на тој начин имаат увид во деловни соработки и договори. Ова мониторирање на имеил комуникација се врши до моментот кога ќе се оствари договор со бизнис соработникот за уплата по основ на фактура/профактура за конкретна услуга. Во тој момент од страна на измамниците кои имаат целосен пристап на имеил адреса вршат измена односно ги фалсификуваат банкарските податоци на испратената фактура со цел таа од страна на жртвата да се уплати во друга банка на лажна сметка. Најчесто, овие лажни сметки се отворени во различни држави на светот и наменски се користат од страна на измамниците за вршење на ваков вид злоупотреби.
Поради комплексниот начин на истрага која ги вклучува меѓународните организации за полициска соработка и различните законски регулативи во државите каде се одлеваат “украдените“ парични средства, најдобриот начин за борба против овој вид криминал е превенцијата и високото ниво на свест при користење на интернет мрежата во деловната комуникација. Министерството за внатрешни работи ги советува правните субјекти Имеил адресите кои ги употребуваат за деловна соработка да ги користат максимално професионално и од страна на ограничен број вработени во фирмата, корисничките лозинки на емеил адресите да содржат комплексни карактери и истите да се менуваат на одреден временски период.
Доколку е возможно, за деловни потреби да се избегнува користење на комерцијални емеил сервиси, а истите да се заменат со професионални ИТ фирми кои нудат вакви услуги и гаранции за квалитет на истите, задолжително да се прави телефонска или друг вид на потврда со деловниот соработник за договорените фактури/профактури, особено ако се воочи измена во банкарските податоци каде треба да се уплатат паричните средства, сомненијата за измами во истиот момент да се пријават до одговорните во Банката каде правниот субјект е клиент како би можело навремено да се превенира во извршувањето (процесирањето) на трансакцијата и пријавите или информациите за постоење на сомненија за овој вид измами, да се пријават до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, односно до сите Отсеци за компјутерски криминал на регионално ниво СВР Скопје, СВР Велес, СВР Штип, СВР Струмица, СВР Битола, СВР Охрид, СВР Тетово и СВР Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.