Македонската ракометна репрезентација овој пат под палката на маестро Лино Червар продолжува со континуитетот на настапи на големите натпреварувања.
Иако загубија во Злин, Чешка во првиот меч од баражот за Светското првенство во Франција следната година со шест разлика, вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ докажаа дека се репрезентација на која серизоно може да се смета и во иднина бидејќи Кире и другарите успеаја да слават со седум гола пред домашната публика (34-27).
Во фуриозно прво полувреме момците кои со гордост го носат црвено-жолтиот дрес докажаа дека не постои предност што не може да се стопи во Скопје, а потоа кога противникот се приближи искусно се одбранивме, па со головите на Лазаров и Мојсовски во последната минута стигнавме до толку посакуваниот резултат, победа со минимум седум гола разлика.
Еуфоричната игра помогната од френетичната публика уште од самиот почеток знаечеше дека нашите ракометари не сакаат туку така лесно да се предадат и по само пет минути игра веќе половина од негативата од Чешка беше анулирана (4-1).
Македонија и покрај слабиот почеток на капитенот играше полетно, па по само 14 минути поведе со 9-5. Гостите зедоа тајмаут, но Миркуловски изнуди уште еден пенал што Манасков со трета реализација од пенал ја претвори во водство од 10-5.
Предноста на Чешка од првиот натпревар беше достигната веќе во 17. Минута, кога Немања Прибак реализираше за 11-5, а еуфоријата продолжи со првиот гол на Кире Лазаров за „плус седум“ за Македонија. Борко Ристовски врза неколку интервенции, Македонија направи серија од 7-0, пред истата да биде прекината со голот на Штелик, кој во меѓувреме имаше и две исклучувања од по две минути.
Македонските ракометари предводени од Манасков и од Миркуловски продолжија со одличната игра, па во 27. Минута стигнаа и до најубедливите „плус девет“ (18-9). Чешка даде два гола во серија, но Гоце Георгиевски беше прецизен од крило, реализирајќи за конечни 19-11 на крајот од полувремето.
Еуфоријата ескалирше на почетокот на второто полувреме, прво во 36. минута кога првпат ја пробивме двоцифрената бариера со 23-13, а потоа и во 44. кога дојдовме до максимални плус 11 (26-15), дури од третиот обид. Сепак, неминовна беше мала криза, која ја најави серијата на Чесите со 3-0 до 48. минута, за намалување на 27-19. До крајот резултатот постојано се нишаше на осум и девет гола, а на минута и пол до сирената Чесите намалија и на седум. Сепак, Лазаров и Мојсовски, најискусните беа стабилни и сигурни столбови кога требаше за да погодат и да ја одржат неопходната предност.
Манасков блескаше со 11 гола, осум постигна Кире Лазаров (шест во вториот дел), а Миркуловски се прости со шест од шест. Прибак и Мојсо додадоа по три погодоци, два имаше Георгиевски, а еден Стоилов. Борко Ристовски заврши со седум одбрани, а кај Чесите повторно одличен беше Мартин Галија со 11 интервенции, од кои три пенали. Прв стрелец беше Здрахала со шест гола.
Светското првенство во Франција ќе се одржи од 11 до 29 јануари и ќе биде петто за Македонија, вкупно деветти настап на големите собири и шести во континуитет од 2012 наваму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.