Позитивната, за нас, пресуда во Хаг се однесува на непочитувањето на одредбата од Привремената спогодба од страна на Грција, дека нема да ја попречува нашата држава при приемот во меѓународните асоцијации. Бидејќи Грција на самитот на НАТО, во Букурешт, 2008 година, го попречи нашиот прием во Алијансата. За нас, меѓутоа, исто толку значајно, е што со оваа Пресуда се протолкувани и неколку други важни аспекти што се однесуваат на правото на нашата посебност и, со оглед на тоа, на правото на самоидентификација. Дотолку повеќе што во надлежноста на Судот е дека тој е и инстанцата од која се бара толкување на меѓународните правни принципи поради што се потврдува кредибилноста на ставовите што ги застапуваше при донесувањето на Пресудата.
Во образложението на Пресудата, имено, прво, Претседателот на судот, Хасаши Овада, не го прифати негирањето на правото Република Македонија да го користи своето уставно име во меѓународните правни комуникации, со што го отфрли аргументот во одбраната од грчка страна дека македонската страна ја прекршила Привремената спогодба поднесувајќи го барањето за прием во НАТО со името Република Македонија. Тоа значи дека Судот, на таков начин, се заложи за нашето суверено право за национално самоопределување и користење на националните обележја. Ваквото право е изведено, како врз Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од времето на Француската револуција, така и, во современоста, врз Повелбата на ООН и другите европски акти. Нешто што, претставено како правен став, произлегува од филозофската и политиколошката, или пошироко, од најзначајната европска и, не само нејзина, социјална мисла, врз чија основа се изградуваат и европските вредности и, преточена во правни принципи кои го градат меѓународното право.
Консеквентно, затоа што правото, кога зборуваме за себе, да го користиме сопственото име, за што стана збор во Пресудата, произлегува од сувереноста врз националните права, правото на определување на сопственото уставно уредување и на означувањето на државните обележја, какви што се, името на државата, знамето, пасошот, личните документи и меморандумите, правото на државата да го употребува уставното име во билатералната комуникација со другите земји а, да не говориме, за именувањето на обележјата од идентитетски карактер какви што се, именувањето на нацијата, јазикот, културата, историјата. Како и во однос на заштитата на индустриската сопственост што е кодирањето според името на државата. А, овие прашања, во различни временски периоди, со различен нагласок, токму беа проблематизирани, се наметнуваа дури и предлози со кои се нарушуваше нашето национално право на посебност и самоопределување.
Како клучен момент што произлегува од образложението на Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за грчкото прекршување на одредбата од Привремената спогодба при приемот на нашата земја во НАТО, а што ја потврдува истовремено нашата национална посебност и самоидентификација, е фактот дека Судот не го прифати аргументот од грчката страна дека ние, поместувајќи споменици и именувајќи објекти, според личности од од македонската античка историја, неа не ја прекршуваме.
Дека ваквото однесување не претставува нарушување на Спогодбата, Судот го претпостави со оглед на тоа дека Република Македонија со тоа манифестира однос кон универзалните вредности и кон сопствената историја. Од една страна, Судот појдува од максимата дека духовните и материјалните творби, создадени во определени историски и општествени околности, станувајќи непоновливи квалитети, универзални богатства, здобиваат значење за сите народи во светски размери. А, од друга страна, Судот се ослонува и на општото право на слободата во националната самоидентификација, како создавање свест за себе.
Од правото да го користиш сопственото име кога говориш за себе и аргументите кои ги афирмира Пресудата во Хаг, а што се однесуваат на проблематизираните прашања, опфатени во разговорите со Грција околу името, може категорично да се извлече и заклучокот дека расправата за тие прашања е безпредметна. Односно дека расправата би било опортуно да се фокусира само на прашањето, зошто е, и дали воопшто е нешто спорно околу нашето име. Вложувајќи аргументи за да се надминат дилемите и да се постигне согласноста дека расправата повеќе и не е потребна.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.