Тенденциите во современите општества, покрај домашните, се пројавуваат како причини и на кризата во нашето општество.
Во светски размери, манифестна е меѓусебната издвоеност на поединците и губењето на нивната релација со целокупноста на општеството. Нешто појавно во комуникацијата на индивидуата сведена на мобилниот телефон и врз елементарни и еднострани информации, добиени, исто така, во електронска форма. Информациите се јавуваат притоа и со изместен фокус на вниманието од клучните негативни општествени моменти што произлегуваат од неолибералистичкиот облик на економијата, пред сè, од корпоративната сопственост и од концентрацијата на општественото богатство во мала група луѓе. На пример, како што е случајот во САД, националното богатство кое е концентрирано преку корпоративната сопственост, кај 200 фамилии. А ситуацијата е истоветна и во Европа. Моќта на финансиските институции притоа влијае на функционирањето на политичкиот систем, особено кога изостанува политичкото дејствување.
Тоа се причините поради кои се ограничи и стагнира демократското претставување, настапите и учеството на мнозинството во одлучувањето за општите работи. Поради изостанувањето на политичкото дејствување да се надминат негативните процеси и со таа дезориентираност, поединците, делови од населението ги свртуваат својот гнев, депресија, загриженост кон споредни социјални прашања и неадекватно, најчесто и меѓусебно.
Поради ваквите последици по општеството, неолиберализмот во современоста доживува остра критика од мислечките луѓе на денешницата. Актуелно, пред изборите во САД, но и долготрајно за екстремните тенденции во општествата за свртување кон десно, појавата на неонацизам и на фашизам и поради свртувањето кон десно на традиционалните, демохристијански и социјалдемократски партии.
Можеме да увидиме дека и многуте облици на лошо насочените однесувања, какви што беа последно време кај нас, разгневувањата на различните групации, пројавуваат дезориентираност, пандан на истата, пројавена во светски размери. Тие не беа насочени врз поширока и теоретски елаборирана платформа, за развојните потреби на општеството и за неговото реформирање. Зар и кај нас не беа и се присутни процесите на корпоративната сопственост, концентрацијата на богатството во мала група луѓе и влијанието на институциите на финансискиот капитал врз практицирање на политичкиот систем и на власта? Така што дејствувањето остана со површен однос кон разрешувањето на реалните општествени проблеми.
Иако политичката криза, која се манифестираше како конфликт помеѓу партиите, покрај тоа, пројави и нешто што е специфично за нас, а тоа е противречната структуираност на македонското општество како основа за различната политичка артикулација, но и конфликти во свеста. При отсуството на платформа со која би се надминала дезорганизираноста на општеството, со ваквото дејствување се изостри раздвоеноста на општеството и се оневозможи соработката. Затоа, дејствувањето се сведе наместо на изградување на општествената организација, на рушење и на нешто што води кон враќање на старото, неживотворното. Поради тоа кризата беше изострена и насочена кон тоа да го разниша целокупниот државен поредок, владеењето на правото и на институционалниот ред на дејствување.
А кризата, иако изгледаше дека настанува врз политичка основа, покажа подлабоки корени и опстојува како спротивставеност на делови од населението. Нешто што само по себе укажува дека и старата свест го отежнува дијалогот и можноста за надминување на противречностите. Притоа, станува јасно дека старата класификација на леви и на десни партии повеќе не опстојува. Партиите што, формално, иако се леви, како експоненти на интересите на етатистичко-бирократските структури, фактички, задржувајќи ја состојбата статус кво, не се спремни да го менуваат и да го надградуваат општеството. Таков е случајот со левите партии, во светски размери, кои, губејќи ги чекорите со времето, не изградија автентична стратегија и успешна тактика. Не ја остварија смислата на политичкото дејствување и затоа престанаа да бидат клучните општествени чинители.
Со дезавуирачкиот пристап кон прашањата за идентификација на народното, истовремено, им го препуштија приматот на демохристијанските партии.
Се остави, за жал, простор и за појава и на крајната десница.
А оние партии што успеаја да ги надминуваат реалните проблеми во животот на луѓето, ја понесоа ѕвездичката, за напредни.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.