Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност-Битола“ и НУ Завод и Музеј-Битола со дефиле по Широк Сокак на кое учествуваа лица со телесен инвалидитет од повеќе македонски градови и со стручна работилница го промовираше проектот „Пристапност кон културното наследство“.
Според Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, само една скала пред одредена институција може да го промени животот на лицата со телесен инвалидитет.
– Една скала може да го спречи лицето со телесен инвалидитет да се едуцира, да биде конкурентен на пазарот на трудот, да не може да обезбеди егзистенција, и затоа никогаш не треба да се поставува прашањето колку тоа чини во пари, туку колку чини спречувањето еден човек да има потполна инклузија во сите пори на општеството во кое живее. Пристапноста не значи само да влезете во објект, туку и да се движите низ него. За жал ние не сме во можност да го посетуваме културното богатство и наследство, но веруваме дека со овој проект ќе има значителни подобрувања, истакна Јовановски.
За подобрување на условите за пристапност во битолскиот Музеј и изложбениот салон „Магаза“, претседателот на „Мобилност-Битола“ Нико Јанков и Зоран Алтипармаковски, директор на НУ Завод и Музеј потпишаа меморандум за соработка базиран на препораките на Балканската мрежа на Музеи чиј претставник од Република Македонија е Ирена Ружин, програмски директор во битолскиот Музеј.
– Нашата институција ќе се насочи на социјалниот модел кој ги третира проблемите одвнатре и ние ќе се обидеме да ги пронајдеме и решиме пречките во нашата институција кои предизвикуваат лицата со телесен инвалидитет да се чувствуваат непријатно. Ние ќе обезбедиме пристап во изложбениот салон „Магаза“ и во Музејот кој е заштитен како посебен споменик на културата но токму со набавката на посебна опрема ќе се совладува пристапот кон објектите, посочи Ружин.
Во Република Македонија во Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет членуваат 8.200 лица – дел од нив учествуваа на дефилето кое по 11 пат се одржа во Битола, а се приклучија претседателката на Советот на општина Битола Силвана Ангелевска. како и претставници на граѓански организации од Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претставување на аудио-визуелниот проект „Die! Goldstein“
-
Негрижата на СДСМ за вистинското културно наследство дојде на виделина, се распаѓа куќата на Стале Попов
-
Валоризација на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново како културно наследство од посебно значење
-
Нема абер од пилот проектот „Повеќе пари за граѓаните“