По минатогодишната јубилејна награда „Микеланџело“ и годинешната награда „Леонардо да Винчи“, македонскиот уметник Јордан Манасијески е поканет да учествува на првото Триенале на современа уметност што од 9 до 12 јуни ќе се одржи во Верона, Италија.
Овај настан, кој е организиран од Паоло Леви, еден од најголемите италијански историчари за современа уметност, и од публицистот Сандро Серадифалко, уметничките критичари Серена Карлино, Лучија, Салваторе Русо и Франческо Саверио Русо во соработка со професионални личности од светот на уметноста, ќе презентира сликарство, скулптура, фотографија и дизајн од околу 500 еминентни и влијателни современи уметници од целиот свет.
Во име на авторот на триеналето ќе присуствува неговиот промотор од галерија „Букефал“, Љупчо Жупан, а ќе биде изложена сликата „Приказна за светите простори“, дело кое е вистински репрезент на сликарството на Јордан Манасијески.
Светски познатиот куратор Виторио Сгарби ќе го отвори годинешното Триенале, при што ќе биде во можност да селектира три автори за самостојни изложби во престижни галерии во Рим.
Славниот арт критичар Лука Беатриче, кој истовремено е и претседател на жири-комисијата за награди, заедно со арт новинарот Ангело Креспи и галеристот Естемио Сери на Свечената церемонија што ќе се одржи на 12 јуни ќе ги прогласи наградените автори пред присуство на истакнати личности од светот на уметноста.
Со концерт „Кристал мјузик оркестра“, диригиран од маестро Филипо Луи, ќе ја збогати свечената церемонија во Палаекспо аудиториумот Верди во Верона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.