Женската ракометна репрезентација на Македонија, денеска (18 ч.) во Ријека и гостува на Хрватска во последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2016 во Шведска. Македонските ракометарки се без бод по петте одиграни натпревари и со одамна загубени шанси за пласман на европскиот шампионат.
На првиот натпревар во Скопје, Хрватска славеше убедлива победа со 36-22 и е апсолутен фаворит и во денешниот последен дуел на домашен терен. По поразот од Словенија во претходното коло, репрезентацијата на Хрватска, денеска сигурно ќе има голем мотив да го поправи впечатокот пред домашната публика.
Младиот состав на македонската репрезентација и покрај серијата порази, во последните два дуели во „Кале“, против Словенија и во средата против Црна Гора, покажа дека има потенцијал од кој во иднина може да се очекуваат многу поголеми резултати. Овој квалификациски циклус за избраничките на селекторот Симе Симовски, сепак остана само можност да се стекне поголемо искуство во натпреварите со многу поквалитетни противници.
– Си поставивме за цел да одиграме најдобро што можеме на овие два последни натпревари и да се бориме за поволен резултат доколку ни се пружии шанса. Против Црна Гора добро се држевме до последните десетина минути. Со Хрватска ќе биде тешко, имавме напорно 15 часовно патување со автобус до Риека, а згора на тоа, поради проблемите со повредите, преполовени сме на бековската позиција без Тодоровска, Величковска, а сега и без Елена Ѓорѓиевска. Хрватска е комплетна, им требаат овие два бода и сигурно ќе бидат максимално мотивирани да дојдат до нив. Ќе се обидеме да одиграме добро. Ова секако ќе биде искуство плус за нашата репрезентација. Шанса ќе добијат сите ракометарки, да видиме на кого колку можеме да сметаме за во иднина – истакнува селекторот Симе Симовски.
За денешниот последен натпревар од овој квалификациски циклус, во составот на македонската репрезентација нема да биде капитенит Елена Ѓорѓиевска која ја повреди раката уште во првите минути на дуелот со Црна Гора, а од претходно поради повреди отсуствуваат и Ангела Тодоровска и Габриела Величковска.
Во вториот натпревар од групата 4, со почеток во 20 часот е дуелот меѓу Црна Гора и Словенија. Црногорките се на првото место на табелата со 8 бода, два повеќе од Хрватска и од Словенија, а Македонија е на последното место во групата без освоен бод. Пласман на ЕП 2016 во Шведска обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група и најдобрата третопласирана репрезентација во овој квалификациски циклус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.