Со користење на поволностите што ги дава Владата за изградба на приватни детски градинки, како и грантот неповратни средства во висина од 10 илјади евра за што јавниот повик сè уште е во тек, „Изворче Монтесори“ во општина Илинден ќе гради центар што ќе опфаќа детска градинка, научноистражувачки центар и во втората фаза основно училиште.
– Пакетот од ниска почетна цена за градежно земјиште од едно евро за квадратен метар , намалени комуналии за изградба на вакви објекти за 95 проценти, можностите за искористување на поволните кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот како и најновата мерка грант неповратни средства од 10 илјади евра за отворање приватна детска градинка ги потикнуваат приватните инвеститори и во изминатите две три години се зголемува бројот на новоотворени детски градински – рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Притоа тој информира дека сè уште е во тек, и ќе трае до исполнувањето на определените квоти, јавниот повик за грант – неповратни средства во висина од 10 илјади евра за отворање приватни детски градинки.
– Накоро ќе почне изградбата на нов модерен современ објект по сите меѓународни стандарди кој ќе работи по Монтесори програмата. Тие ги искористија сите поволности кои ги нуди Владата – истакна Спасов.
Божана Марковска, директор на Изворче Монтесори, кои веќе имаат една објект во Скопје, истакна дека се одлучиле да го реализираат овој проект пред се поради поволностите што ги дава Владата.
– Ние влеговме во овој проект поради поволностите што ги дава Владата, бидејќи ние не бевме моќни да си дозволиме да купиме над 10.000 квадрати парцела. Овој проект успеа благодарение на заложбите на моето семејство, на општина Илинден, Владата и на поддршката од МТСП – рече таа.
– Додаде дека тој е замислен како комплекс од три дела градинка за 120 деца, научноистражувачки центар, кој пред се ќе биде функција на децата од градинката, но и отворен и за сите кои би сакале да ги развиваат креативните потенцијали на своите деца, а во втора фаза и основно училиште. Монтесори, потенцира, е еден од најнапредните образовни системи во светот и нашите деца го заслужуваат најдоброто – рече Марковска.
Таа се надева дека изградбата ќе почне наскоро и оти наредната година да ја одбележат 25-годишнината од работењето на градинката во новите објекти.
Градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски појасни дека оваа парцела била отуѓена кон крајот на минатата година. – Крајна цел е подобрување на условите за живот на граѓаните и подобрување на квалитетот на животот. Ова е доказ дека поддршката од централната власт и бизнис секторот придонесува во општина Илинден да има брз и одржлив економски развој – рече Стојановски.
Во Македонија досега се отворени 26 приватни детски градинки и шест центри за ран детски развој, кои отворија дополнителен капацитет за 1.800 деца и нови 150 работни места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.