Во петок, 3 јуни во 20 часот, во Галеријата на Младинскиот кутурен центар, ќе биде отворена самостојна изложба на Касиопеја Наумоска.
Наумоска е роденa во Скопје, во 1968 година. Магистер по Студии на културата, Институт за општествени и хуманистички науки од 2016 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 1993 година.
„Јасно е дека креативноста на Касиопеја произлегува од богатата уметничка имагинација, од длабоки и интимни сфери на потсвеста. Со право може да се зборува за високо ниво на истакнати фантастики на состојба во имагинарните фази, сцени, што секако се реални состојби на душата на Касиопеја. Како имагинарни секвенци флешовите се евидентираат низ квалитетен ликовен цртачки и сликарски процес. Поради ова, сите дела на Касиопеја сигурно претставуваат фундаментални оригинали на одреден емотивен момент преточен низ бојата и оригиналниот ликовен гест. Во некои моменти наративноста е хроматски нереална, магична, би рекол прекрасна, со тенденција да се сокрие во гамата на колоритното сфумато. Воодушевувачки се делата во кои се постигнува моментот со прекрасни атрибути на објектот, кој е поставен во трансцедетална колоритна површина, средина во која владее апсолутна тишина – вистински мир во беспрекорно воспоставена атмосфера.
Покрај овој магичен облик се вклопуваат и неверојатни вредности на животната средина во специфичната шема на бои што се еден од најважните компоненти на нејзината уметност.
За да се осознае, уметникот мора да е ангажиран во релативно бесознание и често да се повлекува на пониско ниво на менталните функции за време на креативниот чин.
Катарза е механизам, во кој психоаналитичарите велат дека поединецот е ослободен од внатрешни тензии, тој го проектира неговиот внатрешен конфликт во процесот на креативност.
За време на креацијата Касиопеја користи регресија во служба на „јас“, каде што целта е остварување на инфантилната сексуалност преку фикција, инстинктивно енергијата се канализира преку примарниот процес; фантазии и мечти проткаени во процеси коишто водат кон егото (перцепција, размислување, адаптација), и преку нив се комуницира со реалноста.
Во нејзините, за мене најдобри платна, доминираат амбиенти прекриени со пурпурна и кафеава боја во кои може да се забележи фовистичкиот израз на лицата на нејзините лирски актери и актерки, кои директно нѐ „пумпаат“ со размисли и емоциии“ вели за неа Горјан Ѓорѓиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.