Во издание на „Бата прес“ излегоа од печат романите „Рецепт за осамени срца“ и „Гробот на џелатот“ од авторката Асли Е. Перкер.
„Гробот на џелатот“ е психолошки крими-трилер, во кој низ подземјето на Истанбул се испреплетуваат судбините на четворица мажи од кои едниот е професионален убиец, а другиот доселеник во Истанбул и чувар на гробиштата. Третиот е внукот на професионалниот убиец, младич кој сака брзо да напредува во подземјето. Тука е и ликот на депресивниот студент Фуат, асоцијален тип, затворен во себе и под строга контрола на мајка му, која случајно и без да сака ќе стане убиец.
Од појавата, во 2007 година, овој роман е преведен на 30 јазици во светот и е меѓу најпопуларните психолошки романи во Турција. На македонски јазик го преведе Афаф Елмради и ова дело е меѓу најпродаваните дела на „Бата Прес“ во 2016 година.
Романот „Рецепт за осамени срца“ објавен во Истанбул во 2013 година е исто така психолошки роман, преполн со тажни случувања и љубовни разочарувања во неколку фамилии во Њујорк, Париз и Истанбул. Се среќаваат ликови кои имаат и големи разлики по своето потекло, расен, национален и верски идентитет. Присутен е и судирот на генерациите, како и недоразбирања поради навиките на однесување и живеење во трите метрополи.
По саемската, ќе се одржи официјална промоција на македонските изданија на двата романа, во рамки на литературната манифестација „ПРО-ЗА БАЛКАН 2016“, од 29 до 31 мај. Предвидено е да учествува младата авторка Асли Е. Перкер, која добар дел од својата кариера има поминато во Њујорк и во западноевропските градови. Таа за љубителите на книгата ќе ги потпишува своите дела во книжарницата „Икона“ во „Скопје Сити мол“ на 30 мај од 19 до 20 часот. На 31 мај е предвидено нејзино претставување во турскиот културен центар „Јунус Емре“, во центарот на Скопје, каде ќе се одржи трибина за нејзиното творештво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.