| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на фотографии „Кокино – мистичен шепот низ вечноста“ на Љупчо Илиевски

Изложба „Кокино – мистичен шепот низ вечноста“ на македонскиот фотограф Љупчо Илиевски ќе биде отворена денеска во Уметничката галерија при Градскиот музеј – Крива Паланка.

Изложбата ќе ја отворат директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски и градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Љупчо Илиевски спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација фотографи, кој негува специфичен, уметничкистил и силен авторски печат. Засега, е единствениот фотограф од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија „National Geographic“.

Во последниве седум години негов нов предизвик е историјата стара 4.000 години. Приказната за Кокино, раскажана преку записот на Илиевски, неодамна резултираше со изложба, која предизвика подеднаков восхит и кај публиката и кај критиката.

Илиевски е автор на 9 самостојни изложби, а како член на „Фото-клуб 25“ учествувал и на повеќе групни изложби. Присутен е на повеќе филмски фестивали, а за својата работа повеќе пати е наградуван. Неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема – Теракотни икони и Кокино.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top