| четврток, 6 декември 2018 |

Во Прилеп: Откриен споменик на Методија Шаторов Шарло

- Беше една од најконтроверзните личности во македонската историографија, личност која најмногу талкаше на буништето на историјата за да ја докаже својата невиност. И конечно, по 75 години, Методија Шаторов Шарло се враќа со дигнато чело онаму каде припаѓа: во плејадата македонски великани кои својот живот го посветија на обединета и самостојна македонска држава. Денес тој и историски се врати меѓу своите прилепчани, да стои и да потсетува на своето мото дека само со единство е успехот на се, а не со меѓусебните поделби, рече историчарот и професор Чепреганов

Во центарот на Прилеп денеска беше откриен споменик на прилепскиот и македонски деец од Втората светска војна Методија Шаторов Шарло. Споменикот е висок 2,4 метри, поставен е на пиедестал и излеан во бронза. Автор е академскиот скулптор Жарко Башески.

Историчарарот Тодор Чепреганов на поставувањето на споменикот рече дека Методија Шаторов Шарло по 75 години историски се врати дома, меѓу прилепчани, потврдувајќи се како македонски деец и потсетувајќи на своето мото дека во единството е успехот на се, како порака за идните генерации.

– Беше една од најконтроверзните личности во македонската историографија, личност која најмногу талкаше на буништето на историјата за да ја докаже својата невиност. И конечно, по 75 години, Методија Шаторов Шарло се враќа со дигнато чело онаму каде припаѓа: во плејадата македонски великани кои својот живот го посветија на обединета и самостојна македонска држава. Денес тој и историски се врати меѓу своите прилепчани, да стои и да потсетува на своето мото дека само со единство е успехот на се, а не со меѓусебните поделби, рече историчарот и професор Чепреганов.

И за историчарката Соња Николова, која неодамна докторираше истражувајќи го делото на Шарло, тој е потврден македонски деец.

– Истражувањата покажаа дека Методија Шаторов Шарло, каде и да одел, во туѓа комунистичка партија, тој децидно секаде се декларирал како Македонец. Токму таа негова цел, таа негова борба да ја види, со неговата визија и мисија, Македонија обединета, независна, слободна и рамноправна со останатите балкански држави, денес со право можеме да кажеме дека го поставува на највисокото место како македонски деец – рече Николова.

За претседателот на Сојузот на борците на Прилеп, Круме Соколоски, Шарло го добил заслуженото место.

– Градот Прилеп му се оддолжува со поставување споменик на заслужниот свој сограѓанин –  истакна Соколоски.

За семејството на Шарло, настанот значи рехабилитација од анатемите кои го следеле.

– Методија Шаторов Шарло, мојот дедо, секаде се декларирал како Македонец и се борел за суверена, обединета Македонија. Возбуден сум и сум благодарен на локалните власти и на историчарите што го осветлија делото и името на мојот дедо – рече Илија Димески, член на семејството на Шарло.

За делото Шарло се одржа и симпозиум во градската библиотека „Борка Талески“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top