Женскиот ракометен клуб Вардар поведе со 1-0 во серијата до две победи за шампионската титула против актуелниот првак Металург. Девојките во „црвено-црни“ дресови беа уверливи и славеа со 24-16 за предност од 1-0. Следниот дуел се игра во Автокоманда каде Металург ќе биде домаќин на 4. мај.
За освојување на шампионската круна на вардарки им треба само уште една победа во двата натпревари што останаа да се одиграат во финалето. И во третиот меч од македонската Прва лига тие беа подобри од лутите ривалки во „сини“ дресови и повторно славеа со 8 гола разлика, како и на претходниот дуел кога нагости го победија Металург со 29-21. За Вардар тоа значи продолжување на импресивната серија од 14 победи.
Најефикасна во домашниот табор денеска во СЦ „Борис Трајковски“ беше Дмитровиќ со 7 гола, а играч на мечот е Ина Суслина, голманката на Вардар која забележа одлични 18 одбрани. Во поразениот табор повеќе од половина голови ги даде репрезентативката Бајрамовска, точно 9.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




