Фондацијата „Ѓорѓија Џорџ Атанасоски“, денеска во Прилеп, во хотелот Сонце ГА, преку прес-конференција го промовираше документарниот филм за животот и делото на основачот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски насловен „Сведоштвa за еден голем Македонец“, во кој на оригинален начин е опишан животниот пат на основачот на Фондацијата, големиот хуманист и активист, г-динот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски и на неговото семејство, кое веќе со децении живее и работи во Соединетите Американски Држави.
Документарниот филм како нов проект на Фондацијата има за цел на домашната, но и на меѓународната јавност, а особено на поновите генерации Македонци да им ги пренесе заложбите на основачот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски кој речиси целиот својот живот го посветил на љубовта кон Татковината и Македонскиот народ.
Во присуство на своите пријатели, поддржувачи, градоначалникот на Општина Пустец, Албанија, Едмонд Темелко, како и високи претставници од општествено политичкиот живот и бизнис секторот, основачот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски имаше директно обраќање во кое ги најави идните проекти на Фондацијата. Тоа се: зачувување на уставното име, заштита и унапредување на Македонскиот национален идентитет, како и грижа за достоинството на Македонците на сите континенти.
-Остануваме посветени на промовирањето на Македонската култура и традиција. Нашата поддршка ќе продолжиме да ја даваме на проекти кои ќе се грижат за зачувување на македонското наследство. Фондацијата ќе ги продолжи заложбите за еднаков пристап на Македонците кои живеат во Татковината и оние надвор од границите на Македонија, особено за нашите браќа и сестри во регионот, кои секогаш ќе ја имаат нашата поддршка за зачувување на своите Македонски корени и идентитет. Се разбира, не отстапуваме од нашите принципи за поддршка на развојот на Македонската демократија, почитување на човековите слободи и права, меѓуетничката толеранција, како и промоција на социјални проекти од значење на заедницата“, истакна Атанасоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.