| четврток, 6 декември 2018 |

Средба Меркел-­Ердоган: Берлин загрижен за состојбата во Турција

merkel

Германија е загрижена за зголемената поларизација во внатрешната политичка дебата во Турција, тема за којашто в понеделник ќе разговараат германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Според портпаролот на Владата во Берлин, Штефан Зајберт, Германија е загрижена по гласањето во турскиот парламент со кое на дел од турските пратеници им беше одземен имунитетот од кривично гонење. ­ Германската влада го нотираше резултатот од гласањето.

-Зголемената поларизација во домашната политичка дебата во Турција предизвикува загриженост – изјави денеска Зајберт.

Според Зајберт, ова прашање дефинитивно ќе биде меѓу темите за кои што в понеделник во Истанбул ќе разговараат канцеларката Ангела Меркел и претседателот Реџеп Таир Ердоган. Двајцата лидери ќе имаат билатерална средба на маргините на хуманитарниот самит посветен на кризата во Сирија. Како што јави дописникот на МИА од Берлин, покрај загриженоста за внатрешните состојби во Турција, Германија е загрижена и за можноста од пропаѓање на договорот ЕУ – ­Анкара, со кој бегалците требаше да бидат запрени на турска територија пред да продолжат кон Европа. По оставката на турскиот премиер Ахмет Давутоглу и одбивањето на Ердоган да ги промени антитерористичките закони согласно европските стандарди, не се исклучува договорот да не биде спроведен и со тоа ЕУ да се соочи со прием на стотици илјади нови бегалци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top