| четврток, 6 декември 2018 |

Јовановски: Академијата се грижи за спортскиот и за академскиот развој на младите спортисти

Освен зголемувањето на индивидуалниот капацитет, од овој проект голема придобивка ќе имаат и националните репрезентации. Поголем напредок ќе се почувствува во екипните спортови бидејќи верувам дека од една генерација во соодветните репрезентации како што се У16 или У18 ќе се добиваат повеќе репрезентативци, кои покрај тоа што се заедно на училишните тренинзи, тие по цел ден функционираат заедно и на другите предмети па и приватно, вели Јовановски во интервју за „Република“

Поранешниот репрезентативец на Македонија и еден од столбовите на првата генерација кошаркари кои за првпат ја однесоа нашата држава на Европско првенство, Дејан Јовановски, од пред извесно време, е во нова улога. Тој е директор на проектот Спортска академија, кој веќе четири години со огромен успех работи во Република Македонија и кој оваа година по петти пат ќе запише нови ученици во прва година.

 

Во разговорот се гледа големиот ентузијазам кај вас кој ве красеше и додека бевте еден од столбовите на репрезентацијата на Македонија. Од каде тој елан и од каде ја црпите инспирацијата да им го пренесете на помладите генерации сето она што сте го постигнале на теренот во оваа нова улога што ја имате?

Јовановски: Потекнувам од спортско семејство. Мојот татко Ванчо Јовановски беше истакнат ракометар, а подоцна и спортски работник. Од многу мали нозе го засакав спортот и поради моите предиспозиции беше природно да се занимавам со кошарката. Мислам дека доста постигнав во кариерата и имав можност да играм во повеќе држави. Освен професионализмот што го стекнав таму, видов дека многу се работи и со младите категории. Ја сакам нашата држава и отсекогаш сум се стремел сето мое знаење околу спортот да им го пренесам на идните генерации спортисти. Новата улога на спортски директор на Спортската академија ја прифатив со огромно задоволство бидејќи искрено, најдобро се снаоѓам во нешто што е поврзано со спорт. Затоа и воопшто не се штедам и сакам Република Македонија да биде држава која ќе може да се носи со далеку поразвиените држави кога се работи за спортот.

Dejan-Jovanovski-2

Државниот проект Спортска академија функционира веќе четири години. Според имињата на предавачите, менторите и професорите, се чини дека се работи за многу сериозна институција. Кои се основите за функционирање на новото средно училиште?

Јовановски: Сами го откривте одговорот на прашањето. Спортската академија, во основа, е државно средно училиште со гимназиско образование, кое работи под капата на Министерството за образование на Република Македонија со седиште во Скопје и кое има дисперзирани паралелки во девет градови ширум нашата држава. Освен приоритетот што им се дава на талентираните спортисти, во ова училиште се учат и многу општообразовни предмети, но и стручни предмети кои се тесно поврзани со спортот, како што се психомоторика, биомеханика, теорија на избраниот спорт, педагогија, психологија. По завршување на ова средно образование, секој ученик може да се запише на кој било факултет. Оттука и предноста на талентираните спортисти да се запишат кај нас, и покрај засилените тренинзи што ќе ги имаат овде во еден од спортовите што ќе го одберат, можат да продолжат со образованието и да станат академски граѓани.

 

Кои спортови се застапени во Спортската академија и кои се условите за упис на нови ученици?

Јовановски: Покрај редовните услови за упис што ги предвидува Министерството за образование, секој потенцијален нов ученик веќе мора да има одбрано еден од четирите спортови, фудбал, кошарка, ракомет и тенис и да е активен спортист во некои клубови ширум нашата држава или да е активен во некои спортски секции во основните училишта. За упис во нашето училиште активно се вклучени и националните спортски федерации од овие четири спортови кои вршат и тестирање или поставуваат спортски норми кои мора секој кандидат да ги исполни, по кои добива потврда за успешно тестирање. Уште од прва година секој ученик веќе е насочен и навлезен во спортот што веќе активно го тренира. Секое дете што ќе се запише кај нас, по завршувањето на четиригодишното школување ќе полага државна или училишна матура по кое стекнува право за аплицирање на сите факултети со акцент на Факултетот за физичка култура. Целта на Спортската академија е да се поддржи спортскиот и академскиот развој на спортистите како што е случај со развиените земји секаде во светот.

Dejan-Jovanovski-3

Кои се предностите што може да ги добие еден активен млад спортист со упис во Спортската академија?

Јовановски: Како што стојат сега работите, во повеќето професионални клубови во нашата држава многу малку внимание им се посветува на спортистите во младинските категории. Секако, тука не сакам да спомнам тимови од овие четири спортови кои во сениорските конкуренции имаат завидни резултати на меѓународна сцена и преку младинските категории ги црпат идните сениори, па и репрезентативци на Република Македонија. Во најдобар случај, еден млад спортист има околу 100 до 150 тренинзи во текот на годината. Со запишувањето во Спортската академија, тој број ќе биде удвоен или во добар дел, неколкупати поголем. Програмата во нашето училиште предвидува секој ученик по два часа секој ден да има задолжителни тренинзи во спортот што ќе го одбере уште од првиот ден откако ќе се запише. Освен зголемувањето на индивидуалниот капацитет, од овој проект голема придобивка ќе имаат и националните репрезентации. Поголем напредок ќе се почувствува во екипните спортови бидејќи верувам дека од една генерација во соодветните репрезентации како што се У16 или У18 ќе се добиваат повеќе репрезентативци, кои покрај тоа што се заедно на училишните тренинзи, тие по цел ден функционираат заедно и на другите предмети па и приватно.

 

Како се замислени тренинзите и кој сè е вклучен во нив?

Јовановски: Освен редовните професори кои се вработени во нашето училиште, со огромна помош од четирите федерации на тренинзите доаѓаат и тренери кои најчесто се и селектори на младинските репрезентации. Условите за тренинг ги овозможуваат самите федерации преку нивните инфраструктури и стручни лица. Обезбедуваат реквизити, терени, тренери. Фудбалските тренинзи се вршат на терените изградени од страна на ФФМ со поддршка на ФИФА и на УЕФА. Ракометните и кошаркарските тренинзи се вршат во објекти изградени од Агенцијата за млади и спорт и од владата на Република Македонија, додека тениските тренинзи се на терените на тениските центри на Југ, на ИТЦ и во Аеродром. За дисперзираните паралелки во деветте градови објектите за тренинг ги обезбедуваат општините. Покрај целосната поддршка што ја добиваме од овие институции, обезбедени се и редовни гости на тренинзите, а за еден млад спортист имињата како Лино Червар, Индира Кастратовиќ, Гино Стрезовски, Емил Рајковиќ, Марин Докузовски, Тодор Гечевски, Душко Боцевски, Мирослав Наумовски, Игор Ангеловски многу значат. Покрај нив, како редовни ментори или налик класни раководители се спомнуваат Ванчо Димовски, Милева Велкова и многу други.

Dejan-Jovanovski-4

Дали се предвидени некакви меѓународни учества на турнири и како може еден ученик од основното образование да се информира за Спортската академија?

Јовановски: Во текот на летото, но и преку целата година, паралелките или селекциите од Спортската академија се редовни учесници на спортски манифестации, на турнири или на некакви шампионати не против други училишта, туку директно со младинските категории на професионалните клубови. Тоа е огромна предност бидејќи еден млад спортист и наш ученик покрај играњето и настапувањето во својот клуб, секако, ќе може да има и дополнителни натпревари во соодветниот спорт. Кога сме веќе за информациите што ќе сакаат да ги најдат младите и талентирани спортисти, од поново време работи и нашиот сајт http://sportskaakademija.edu.mk, преку кој може да се дознае сѐ за нашите активности, услови за упис, за наставниот план и за наставната програма. Секако може и лично да се информираат за сè што е поврзано со Спортската академија и да дојдат во нашето училиште кое е сместено во просториите на средното училиште „Методија Митевски – Брицо“, каде што јас и секој од нашиот стручен кадар им стоиме на располагање.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Дејан Станчевски
(Интервјуто со Дејан Јовановски е објавено во 192. број на неделникот Република, 6.05.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top