(Ако не е Де Сика и не е Спилберг)
И покрај сета снабденост со најсофистицирани технички помагала, и покрај тоа што е член на информатичко општество, обичниот граѓанин на почетокот на 21 век, ако од сите можни географски ширини и должини на планетава живее токму во Скопје, и ако згора на тоа е пасиониран велосипедист – го очекуваат неколку необични скокови со пречки доколку сака да си го продолжи уживањето во својата секојдневна рутина.
Проблем број еден – паркирање, врзување на велосипедот со синџир во кој има вградено аларм и нагазна мина и одвојување од него макар и на неколку минути – трауматско искуство, коешто го активира хормонот на страв дека е можно да дојде до неповратно лишување од приватната сопственост. Велат дека крадциве биле многу добро организирана банда којашто ги демнела потенцијалните жртви во вид на скриена камера и дека ги спроведувале своите акции слично како оушн 12, применувајќи ги старите добри методи од типот „пред малку беше овде, сега не е…“. Без разлика дали си влегол во продавница, книжарница или си кај пријателите на гости, она што ќе ти остане засекогаш во сеќавање е посттрауматското велосипед-искуство и утехата дека никој не е совршен, а најмалку скопските паркиралишта за велосипеди…
Како и да е, се разбира дека има многу поедноставно и бесплатно, а дури и системско решение за проблемот. Се вика култура. Тоа е нешто што не постои како предмет, но го има во воздухот.
Плоштад, скулптура, театар, фонтана, мост, трамвај, железница, аеродром…
Да речеме, колку е поубав плоштадот толку се појаки култовите зад него, и токму тие култови во заднината се материјалот од кој се прави еден критериум според кој ќе се мери убавината. Затоа е можно еден ист споменик („на културата“…) за некого да е убав, за некого не. Духот е тоа „сетило“ да речеме натсетилно сетило, со кое се восприема убавината и истовремено и се зрачи, се враќа како повратна информација и тоа ни помалку ни повеќе туку токму во вид на к у л т у р а ! Негата (и одгледувањето) на духот е онаа најтешка, најделикатна и најодговорна работа којашто и поединецот и групата би требало да ја имаат како врв на агендата на можни постигнувања.
И додека во глобалното село на планетата Земја на големо се зборува за исцрпувањето на природните ресурси или нивно континуирано и трајно загадување, еколошката култура е само еден од подвидовите на воспитаност коишто никнале на полето на меѓусебното почитување, правичноста, вистинитоста и човечноста – зборувајќи за идеалите на високо развиените општества.
Култот кон малото ѓубре
Сè почнува од култот кон ѓубренцето. На кој дел на планетава и да се наоѓате, ако не сте подготвени на себе да го земете товарот на одговорноста за сопствениот отпад, вие сте неосвестен загадувач, а зад тоа „неосвестен“ стои неранимајко што скришно ќе ја залепи мастиката под маса, не толку скришно ќе се ослободи од опаковката на сладоледот среде улица и лежерно ќе ја зафрчи непотребната белешка од штотуку завршеното пазарење во некој простор за јавно наддавање отпадоци – каде било, само не во кантата којашто трпеливо и ненаметливо чека и зјае.
Култот кон големиот контејнер
Не е само контејнерот во прашање, туку попрво – просторот околу него со радиус од барем два-три метри во должина вклучително сите чопори мачки и кучиња во улога на машини за рециклирање на сè што не можело да биде дојадено, а за коешто контејнерот имал премногу мала зафатнина… едноставно, машината за рециклирање секогаш ќе заостанува зад ненаситниот и мегаломански ум на конзументското општество коешто се труди да биде во чекор со секогаш новиот прашок за печиво… Битно, ѓубрето се фрла ноќно време кога реата нема толку силен интензитет како дење, а и веројатноста дека некоја од мачките ќе заврши каде што не треба е за процент помала…
И кога би играле асоцијации, кој поим треба да биде нишката што ги спојува крадењето велосипеди, загаденоста и културата на рециклирање? Или каква врска има помеѓу велосипедизмот, крадењето и екологијата….? Нема врска, но ако се гребне под површината, сигурно ќе искрсне некој скриен велосипед, а притаена веспа.
Култот кон честа! За којшто на Далечниот Исток се подготвуваат од мали нозе – тоа е културолошката провалија меѓу Истокот, без разлика на оддалеченоста, и Дивиот Запад – обичајот наречен харакири, кој претставува подготвеност да се заврши со себе доколку честа на кој било начин е прегазена. Ритуалот умеат да го прават министри, претседатели на корпорации, работници, обични луѓе. Во случај на фаул во вид на корупција, проневера, газење на другиот… Во земјата на изгрејсонцето се внимава на хигиената на сопствениот образ.
Ова не беше толку омаж кон Де Сика и неговиот Ladri di biciclette, колку што е, можеби, ковање заговор против сите откупни центри на украдени велосипеди во градов коишто без никаков проблем продаваат светски марки, малку возени, а за ич пари. На старо, или „секнд хенд“. Ако да речеме, на местата предвидени за паркирање на велосипедите се постават камери, прашање е кој повеќе ќе профитира – загрижените возачи на велосипеди или, пак, оние што досетливо во пакет со камерата веднаш ќе ги инсталираат и своите наплатни рампи! А во однос на тоа дали крадецот на велосипеди ќе се преориентира на крадење камери со оглед на њу ејџот или ќе оперира како службено лице од другата страна на шалтерот, отуѓен, роботизиран крадец, е тоа е веќе терен сериозно подготвен на него да истрча некој скопски Поаро којшто на принцип на бетмен, или уште подобро – на принципот на малцинските извештаи во режија на Спилберг, безмилосно ќе ги спречува потенцијалните крадци да го вршат злоделото просто укажувајќи им на култовите што своевремено испуштиле да ги негуваат. Детството! La mala educacion! Така би рекол Алмодовар – лошото воспитување е виновно за сè!
Така, крадците едноставно ќе заборават дека тргнале во кражба, а на филмот ќе останат забележани само сцените на среќните велосипедисти коишто засекогаш ја повторуваат едната иста сцена – го отклучуваат, па го заклучуваат својот велосипед во зоната на една високоразвиена, фиктивна култура каде што паркингот сè уште е бесплатен…
* Насловот е алузија на џебната книгичка Who Moved My Cheese? од Спенсер Џонсон.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.