| четврток, 6 декември 2018 |

Одложено судското рочиште за Диво насеље

Денешното судско рочиште за настаните во кумановското Диво насење во мај минатата година е одложено за 19. овој месец. Судењето е одложено бидејќи Судот ја спои постапката со случајот „Молња“, односно со логистичарите кои беа уапсени пред неколку месеци, но и поради тоа што во скопскиот Кривичен суд нема просторни и безбедносни услови за одржување на судењето во кое има голем број обвинети.

– Судот донесе решение на 4.5.2016 година со кое се врши спојување на постапките. Од тоа произлегува дека има 37 обвинети, 15 адвокати, голем број на лица кои го обезбедуваат спроводот на обвинетите од казнено-поправните установи, новинари заинтересирани да ги следат рочиштата, како и голем број на припадници на МВР кои безбедносно го обезбедуваат просторот околу судските згради, поради што Судот дополнително ќе се произнесе каде ќе се одржуваат рочиштата за новиот предмет, рече судијата Верка Петковска.

Додаде дека до наредното рочиште коешто е закажано за 19 мај Судот ќе направи напори за обезбедување на просторни, технички и безбедносни услови за одржување на судењето.

Судењето со спојувањето на двата предмети ќе почне од почеток, односно обвинетите повторно треба да се произнесуваат за вината и да се повикуваат сведоците. Во случајот „Дива населба“ се обвинети 29 лица, а потоа беа уапсени уште осум логистичари.

Според судијата Петковска, неспорно е дека со тоа судењето ќе почне од почеток, но според Законот за кривична постапка не треба повторно да се оценува обвинителниот акт.

Претседателката на Врховниот суд на РМ, Лидија Неделкова на барањето од Основниот суд Скопје 1 Скопје да ја користат големата сала за судење тоа не го дозволила, бидејќи салата била од свечен карактер и не е опремена да функционира како судница.

На 7 декември минатата година сите 29 обвинети лица за тероризам пред Советот од судии од Основниот суд Скопје 1 се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за ова дело.

На 9 и на 10 мај минатата година во кумановското Диво насење вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.  Убиени беа и десет лица од вооружената група.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top