Европската Унија и САД преку своите претставници во земјава декларираа желба и настојување да ѝ помогнат на Македонија во решавањето на политичката криза! Како знак на пријателство и намера да /ѝ/ помогнат на државата, кандидат за евроатлантско интегрирање… Притоа, постојанно зборуваат за владеење на правото, правдата, законите…
Зборуваат за владеење на правото, ама своето посредништво го базираат на политички решенија! Зборуваат и за демократијата како исклучивост на совремието, но повторно, наместо демократски, нудат политички предлози и решенија!
Ако навистина се искрени во своите намери при посредувањето, она што единствено можат и треба да го сторат во таа насока странските дипломати е – да се придржуваат кон бескомпромисниот принцип на кој базира демократијата /и/ во нивните држави – почитување на гласот на народот*. Ако сакаат да им веруваме дека навистина се за демократија и владеење на правото, ако, овие два столба на едно демократско општество – во нашиот случај, не ги (зло)употребуваат само како флоскули!
* …”Британскиот народ ќе излезе на гласање и ќе реши за судбината на нашате земја (дали сака да остане во ЕУ или не, м.з.); оваа одлука е поголема од сите политичари и влади…” – изјави британскиот премиер David Cameron, апропо одлуката за референдумско изјаснување на народот по споменатото прашање…
Значи. Ако врв на демократијата е изјаснувањето на народот – неговата /искажана/ волја околу водството во државата, тогаш, ЕУ и САД да го почитуваат овој постулат во својата интрамакедонска медијација, и да го поддржат последниот Договор на релевантните политички чинители во државата – ИЗБОРИ (парламентарни) на 5.Јуни! Без тривијални, флоскула-рни изговори како оние на СДС(М) и некои “граѓански здруженија”… Впрочем, 5 јуни беше оценет од двата амбасадори (Орав и Бејли) како прифатлив датум за избори (по одложувањето од 24 април).
Хронологија на неконзистентноста и тривијалностите…
“Меѓународната” олицетворена во ЕУ и САД, на барање на СДС(М) ни го наметна Пржинскиот договор! Како вонинституционално решение на намерно предизвиканата политичка криза, грубо деградирајќи ја волјата на македонскиот народ!
Имаше обид за деградирање на легалното судството на државата; се создаде Специјално јавно обвинителство – но се покажа дека оваа вонуставната “категорија” всушност не е тоа што требаше да биде – со релевантност од сите аспекти! Или, можеби токму така /какво што е/ било замислено… За среќа на Македонија, легалното државно судство покажа професионален дигнитет!
“Пржинскиот” предвиде – се договорија и закажаа предвремени парламентарни избори на 24 април (2016); потврдено низ соодветни собраниски процедури! Во меѓувреме, се работеше на сите “точки” од Договорот, а “најважното” изгледа беше – СДС(М) да влезе во власта! Да ги земе најзначајните ресори во владата (министерства) и да “придонесе” за организирање на “кредибилни” избори… Заедно со Државната изборна комисија во која (СДС(М) има мнозинство, го има претседателот, а има и странски експерти-информатичари… Сè беше направено во насока на исполнување на желбите на СДС(М), неговото водство… Но, бидејќи суштинската цел е ВЛАСТ без избори, продолжија со своите манипулации – избирачки список, медиумска регулација, департизација на институциите… “намало” услови за кредибилни избори??? И, договореното (и институционално) – избори на 24 април – не се испочитува! Доследна на зборот остана само владејачката партија!
Повторно убедувања, силни притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ, врз нејзиниот лидер Никола Груевски! Од, “меѓународната!” Да се предоговори нов датум за избори! Чиниш се работи за одложување на партиски состанок, а не за државни парламентарни избори! Наведените причини (за одлагање) очекувано – без реална основа! Со месеци СДС(М) и поддржувачите им папагалски повторуваат исти приказни… а, она што посебно загрижува, вознемирува и со неверување се прифаќа од мнозинството – и лично, така го доживувам – е, што странски амбасадори во Република Македонија на чело со претставниците на ЕУ и САД во државата се “стопија” со манипулациите на СДС(М)! Состојба повеќе од загрижувачка, зашто истите тие, од “меѓународната” зборуваат за владеење на правото и законите, а ги игнорираат фактите:
- Дека избирачки список како резултат на повеќемесечната темелна работа на ДИК е прочистен; (манипулациите на СДС/М/ – разоткриени);
- Во однос на медиумите – Законот од 2013 беше прифатен од сите страни (и ОБСЕ), а додатно се решија и прашања произлезени од изборната регулатива; понудата на Ванхауте (синхронизирана со СДС(М), се приклучи и ЗНМ(?) беше антидемократско решение кое требаше да важи само за Македонија; заради “неевропскиот македонски менталитет”! Предлогот на владејачката партија за имплементирање на закон од која било европска држава – беше одбиен! “Заради – менталитетот”… Значењето на медиумите се фетишизира – излегуваат поважни од партискиот кредибилитет!
- Дека, департизацијата на институциите како услов за “кредибилни избори” е обична манипулаторска флоскула на СДС(М); масовно ги партизираа двете значајни министерства (за труд и социјала, и МВР) со свои партиски кадри!
Оттаму, за однесувањето на оние кои бегаат од избори (ги закажуваат, па ги откажуваат), но и на оние кои поддржуваат несериозни, манипулаторски и крајно дестриуктивни политички постапки, нема друго објаснување освен дека се работи за лицемерие! На СДС(М), но и на странските ни “партнери”!
Ако Европската Унија и САД навистина сакаат да ѝ помогнат на Македонија во актуелната ситуација, потребно е да покажат искрен и реален пристап! Да го поддржат договорот (со институционална потврда) за одржување на парламентарни избори на 5. Јуни (2016), како израз на почит кон македонските граѓани и нивното демократско право на одлучување за својата држава.
ПС. СДС(М)?! После сè што ѝ направија на државата и народот – го заслужуваат ли тоа “М”?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.