Во организација на Швајцарската програма за култура – Западен Балкан и Македонската амбасада во Босна и Херцеговина, од 10 април до 16 април 2013 година во галеријата „Блек бокс“ (BlackBox) во Сараево беше отворена изложбата на фотографии „Живот во кутија“ на македонскиот фотограф Драги Неделчевски. Тој пред речиси четири години го направи фотоесејот „Живот во кутија“ за животот на неговиот син Мане, кој боледува од церебрална парализа, која предизвика многу позитивни и искрени коментари, како за изложбата, така и за темата што ја обработува во своите црно-бели фотографии.
Драги Неделчевски е ерудит и хуманист од кого може многу да научите. Во интервјуто за „Република“ раскажува за изложбата во Сараево, за животот со Мане, Никола, Оливера и Акира, за културата во Тетово, за аматерската театарска група „Адоболс“ и, нормално, за љубовта кон фотографијата.
Неодамна, во Сараево, Босна и Херцеговина, имавте изложба со „Живот во кутија“, Вашиот фотоесеј за животот на вашиот син Мане, кој боледува од церебрална парализа. Како помина изложбата?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Слично како во Скопје 2009 година и во Белград 2011 година, и во Сараево, оваа 2013 година, изложбата предизвика силно емотивно доживување кај публиката. Изложбата ја отвори македонскиот амбасадор во БиХ, Рами Реџепи, во присуство на швајцарскиот амбасадор во БиХ, претставниците на СЦП (Швајцарската програма за култура) и други. Јас, лично, сум презадоволен од моето претставување во Сараево. Во директен разговор со посетителите на изложбата имав можност да слушнам каков впечаток оставаат на нив овие фотографии. Тоа се зборови на поддршка, искажување восхит за храброста на моето семејство што сме решиле дел од нашата интима да ја споделиме со нив. Исто така, и документарниот пристап и црно-белите фотографии оставија убав впечаток кај публиката.
Ова не е ваше прво гостување надвор од Македонија. Со истата изложба гостувавте и во Белград, во галеријата „Артгет“, во престижниот Културен центар во Белград? Какви спомени носите оттаму?
НЕДЕЛЧЕВСКИ:Пред две години, по повод десет години постоење на галеријата „Артгет“ во Белград, фотографот и професор по фотографија од Белград, Ѓорѓе Одановиќ, како куратор на изложбата ме покани да ги изложам моите фотографии од фотоесејот „Живот во кутија“ во Белград. Изложбата беше одлично организирана, беше убаво претставена и во медиумите, а публиката реагираше слично како во Сараево и во Скопје. И таму добив пофалби за идејата и за реализацијата на овој проект, кој е еден од ретките од ваков вид на балканскиве простори.
Првпат изложбата беше поставена во Скопје, во „Мала станица“ во 2009 година. Оттогаш поминаа четири години. Што е поинаку од тогаш до сега? Освен што Мане е постар, а вам косата ви е побела?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Еве, веќе поминаа четири години од изложбата „Живот во кутија“, која беше отворена во април 2009 година во изложбениот простор на „Мала станица“, како дел од Националната галерија на Македонија. Оваа изложба немаше да биде реализирана без огромната поддршка од Роберт Јанкулоски, професор по фотографија и директор на Македонскиот центар за фотографија во Скопје, како и од Швајцарската програма за култура за Западен Балкан. Инаку, оттогаш до денес, како што велите, Мане е постар, а мене косата ми е побела. Друго ништо не е променето. Дома сѐ уште живееме според ритамот што го определува Мане. Најголемиот товар е на мојата сопруга Оливера. Тоа е една рутина, која со своето секојдневно повторување може да ве доведе до крајните граници на психолошката издржливост. Додека други можат да си дозволат одење в кино или театар, викенди во Охрид или, пак, подолг годишен одмор, за моето семејство тоа е тешко достижно. Мане бара секојдневна грижа, а ние немаме услови да одиме некаде заедно со Мане. Од друга страна, кај нас не постојат институции (државни или доброволни), кои можат на неколку денови да ги згрижат овие деца, а ние да одиме некаде на неколку денови и да ги „наполниме батериите“. За среќа, бабите и мојот помал син, Никола, ни помагаат колку што можат. Но, да не ме разберете погрешно, не се жалам воопшто, затоа што имаме љубов и слога, а тоа ни дава сила да издржиме.
Не ви беше необично да го фотографирате Мане во сите ситуации? Разбирам дека за вас фотографијата е страст, живот, но Мане ви е син, ваша крв и месо, во кои моменти го остававте апаратот да ѝ помогнете на сопругата?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Мане често има епилептични напади. Тие воопшто не се пријатни. Тешки се за него, а, исто така, и за нас, неговите родители. „Фотографот“ би посакал да ги фотографира сите тие ситуации и да добие фотографии што се визуелно впечатливи, но „таткото“ го фрла фотоапаратот во тие моменти и заедно со сопругата се посветува на своето дете. Тука нема дилема. Оттаму, можеби и големата вредност на овој проект, на овие фотографии (иако ова звучи малку нескромно). Дилемата дали да бидам фотограф или татко во одредени ситуации лесно ја решив. Прво бев татко, а потоа фотограф. Но, сметам дека и како фотограф имав многу можности да го фотографирам Мане и нашиот секојдневен живот во сето свое богатство на ситуации и емоции.
Верувам дека пред да го почнете фотоесејот идејата не ви беше да собирате пари за пелени, а познавајќи ве сигурно сте очекувале критика за фотографиите, односно колку е зачувана естетиката и техниката. Што се случи по првата изложба?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Кога ја поставуваме изложбата во Скопје бев многу возбуден затоа што сметав дека сум направил добри фотографии. Документарни и црно-бели, само ја истакнуваа приказната за животот на Мане, дете заболено од церебрална парализа и животот на неговото (моето) семејство. Очекував критики за фотографиите, за нивната ликовна вредност, но по отворањето на изложбата, никој од присутните не зборуваше за фотографиите, туку за тоа што беше прикажано на нив. Многумина од присутните на отворањето на изложбата беа возбудени. Некои од нив не можеа да ги скријат емоциите, веројатно ненавикнати на вакви „слики“. За мене, мојата сопруга и моето семејство тоа е дел од нашето секојдневие и воопшто не очекувавме такви реакции. Место критики за фотографиите, добив поддршка и зборови на пофалба за нашата храброст, како успеваме да живееме еден нормален живот со сите проблеми што ги имаме. Повратот беше, навистина, изненадувачки.
Вие сметате дека сте обично семејство, со свои проблеми и радости. За нас, вие сте вистински херој, вие и вашето семејство, сопругата, Мане и вториот син и никако да не го заборавиме кучето. Колку и да звучи патетично, но така е. Од каде ви е силата?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Имаме љубов, заемно почитување и слога. Го сакаме животот. Имаме многу пријатели. Слушаме музика. Не гледаме ТВ. Не читаме дневни весници. Имаме две различни деца. Ја имаме Акира, нашето кутре. Животот ни е исполнет. Повеќе сме посветени на семејството, отколку на невеселата стварност што нѐ опкружува. Тука некаде се крие тајната за силата, за која прашувате.
Основач се на „Чкрап“ во Тетово. Дали фотографијата ви е само хоби, освен што е љубов и страст?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Фотографијата ми го исполнува животот веќе 35 години. Можам да кажам дека таа е повеќе од хоби и од страст за мене. Иако звучи претенциозно, ако кажам дека таа е значаен дел од мојот живот, нема да ве излажам. Сакав моето искуство да го поделам со помладите и во 2003 година јас и неколку мои истомисленици го основавме Фотокиноклубот „Тетово“, кој набрзо го промени името во „Чкрап!“. За кратко време постигнавме големи успеси на полето на фотографијата, но затоа што не добивме никаква поддршка од државата или, пак, од некој спонзор, а фотографијата е скапа работа, пред некоја година го дерегистриравме клубот и сега дејствуваме како неформална фотогрупа „Чкрап!“ како дел од Фотосојузот на Македонија. Исто така, одлично соработуваме со Македонскиот центар за фотографија и со некои НГО. Инаку фотографијата на мене лично ми дава можност, на некој начин, да ја креирам сопствената историја и вистина за светот што ме опкружува. Од бескрајниот тек на времето, јас одбирам кои моменти ќе ги замрзнам и ќе ги зачувам за иднината во моите фотографии.
По професија сте правник, но активно учествувате во сите културни збиднувања во вашиот роден град Тетово?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Јас по природа сум личност што сака победа за сите, така што природно најдобро се наоѓам во активностите од културата каде што секој добива, авторите и публиката. Тетово е мал град. Тетово е провинција. Ако сакате да се занимавате со култура во Тетово, мора по малку да бидете мазохист. Да уживате во маката додека се обидувате да оставите трага во културното живеење на градот, кој нема основни содржини што би требало да ги има секој град од 70.000 жители. Покрај тоа што сум член во фотогрупата „Чкрап!“, јас сум член и на театарската група „Адоболс“, која, исто така, работи врз аматерска основа, а минатата година ја поставивме на сцена претставата „Хај-Фај“ од Горан Стефановски.
Колку ве исполнува учеството во театарската дружина „Адоболс“? Кога да очекуваме нова премиера?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Театарот, за разлика од фотографијата, која е индивидуална активност, е тимска работа. Тоа има свои предности, но и свои маани. Во секој случај, сакам да се дружам со интересни луѓе, а во „Адоболс“, сите актери се прекрасни луѓе. А, за новата премиера ќе треба малку да причекаме. Сите ние сме луѓе со обврски, а театарот ни е хоби и љубов. Но, не се знае кога може да ве „изненадиме“ со нова претстава.
Какви ви се желбите? Мислам на тие ептен човечки…Тетово да стане почист град, да ви стават лифт во зградата, да имате интернет на работа… или нешто сосема, сосема друго?
НЕДЕЛЧЕВСКИ: Иако кажав дека сѐ уште сум љубопитен како дете, во позитивната смисла на зборот, ме интересираат многу работи, мислам дека има уште фотографии што сакам и треба да ги фотографирам, да прочитам некои книги, да погледам некои филмови, да разговарам со интересни луѓе… сепак, јас сум веќе во години кога на човека многу работи му се јасни и нема илузии. За многу работи што би требало да ни бидат достапни и да функционираат во втората декада од 21 век, а тоа не е случај кај нас, немам илузии дека наскоро ќе се случи некое чудо. Мислам на животниот стандард, општата култура и цивилизациските придобивки од широк спектар. Сепак, би сакал да доживеам Македонија да биде пристојно место за живеење, почитувана и сакана. Лично, би сакал мене и мојата сопруга Оливера да нѐ послужи здравјето за да можеме што подолго да му ја даваме неопходната нега за живот на Мане, а нашиот втор син Никола да го пронајде патот во животот и да го оствари својот сон. Тоа се моите најголеми желби.
Разговараше: Александра Мазнева – Бундалевска
Фото: Драги Неделчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.