Во просториите на Домот на култура „Кочо Рацин“, утрово, издавачката куќа Вермилион го промовираше своето најново издание „Тори и пиратската кралица“ од Криста Јохансен. Авторката која гостува во Скопје прочита извадоци од својата книга и разговараше со присутните за процесот на пишување на фантастична литература за деца. Таа го посети и Здружението за развој на Ромската заедница „Сумнал“, каде се сретна со децата кои го посетуваат центарот на Сумнал во Топаана и им подари примероци од својата книга.
Авторката Криста Јохансен со серијата за авантурите на Тори ги води своите читатели на патување кое никогаш нема да го заборават. Оние кои уживаа во авантурите на Тори и Палче во „Тори и принцот змија“, сега ќе можат да ја прочитаат новата епизода од патешествијата на Тори во „Тори и пиратската кралица“. Овој пат авантурата е поморска: Ана е млад капетан на мисија да го спаси татка си од Невила, пиратската кралица. Посадата на бродот ја сочинуваат дузина пензионирани пирати и нејзиното тајно оружје: Тори, најстарото Старо од Дивата шума. Пирати, волшебни богатства, морски змии, принц на пуст остров и кралство на кое му се заканува ужасна клетва…
„Тори и пиратската кралица“ е добитник на Наградата Лила Стерлинг која ја доделува Друштвото на писатели на Канада, а Криста Јохансен е добитничка и на наградата „Ана Франк“ во 2010 година, која ја доделува Фондацијата „Македонија презент“.
Издавачката куќа „Вермилион“ е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Сите изданија на „Вермилион“ се печатат на рециклирана хартија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.