Основното јавно обвинителство од Велес поднесе обвинение против еден анестезиолог и двајца гинеколози-акушери за смртта на родилката во Гевгелија, која, како што е наведено, починала од задушување од несоодветна интубација.
По спроведената истражна постапка за четири лица, Основното јавно обвинителство – Велес денеска во Основниот суд во Велес поднесе обвинение против Т.В., лекар, специјалист анестезиолог вработен во ЈЗУ Општа болница – Гевгелија, В.Ч. и Д.М., лекари специјалисти по гинекологија и акушерство вработени во ЈЗУ Општа болница – Струмица. Лекарите се обвинуваат дека сториле кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.
Обвинителството донесе наредба за запирање на истражната постапка што се водеше против четвртото осомничено лице, кое во меѓувреме почина.
Обвинетиот В.Ч. ја повикал сега покојната да се јави на преглед на 22 октомври 2015 година, на што таа се одѕвала. По извршените контролни прегледи не постоела ниту една медицинска, односно клиничка индикација за породување, со оглед на тоа што веројатниот термин за породување на сега покојната бил 2 ноември 2015 година. Спротивно на упатството за згрижување при царски рез донесено од Министерството за здравство на Република Македонија, обвинетиот ја известил сега починатата дека вечерта околу 19 часот ќе изведе оперативен зафат -царски рез за нејзино породување.
Во закажаниот термин медицинскиот тим не бил комплетиран поради едночасовно доцнење на обвинетиот Т.В., кој пристигнал во забележлива алкохолизирана состојба. И покрај ваквиот тек на настанот, обвинетите В.Ч и Д.М. не предложиле одложување на зафатот.
Обвинетиот Т.В. безуспешно се обидувал пациентката да ја воведе во анестезија со интубација, по што го повикал на помош својот колега – сега покојниот З.Ј., кој, исто така, бил во алкохолизирана состојба и направил неколку неуспешни обиди за интубација. Спротивно на упатството за безбедна хирургија на СЗО, во согласност со кое предвидениот број обиди за интубација не треба да биде поголем од три, ниту да трае подолго од 10 минути, во случајов постапката траела речиси 30 минути, поради што смртта настапила како последица од задушување.
По преземените дејства за реанимација на родилката, откако претходно на двапати ја напуштиле салата за операции и пак се враќале, обвинетите В.Ч. и Д.М. направиле царски рез и од утробата на сега покојната е извадено новородено женско дете, кое е предадено на неонатална медицинска сестра и на лекар педијатар. Обвинетиот Т.В. и врз новороденчето направил безуспешен обид за реанимација, но по десетина минути од породувањето и тоа починало.
Со овие дејства обвинетите, иако биле свесни дека нивното постапување може да предизвика штетна последица, се согласиле и воопшто несовесно постапиле при укажување лекарска помош при процесот на породување. Со тоа предизвикале влошување на здравствената состојба кај родилката што резултирало со смртен исход на сега покојната и на новороденчето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Животот со глава се плаќа во мандатот на Филипче: Родилка во кома хоспитализирана на геријатрија
-
Медицинска компликација причина за смртта на родилката од Свети Николе
-
Гинекологија Чаир: Родилката почина како резултат на комплицирана бременост
-
ДЗСИ ги проверува картоните кај матичниот лекар и гинеколог на родилката од Гевгелија која почина на КАРИЛ