Ракометарите на Вардар никако да го поминат „кобното“ четвртфинале во Лигата на Шампиони, трета година по ред нашиот шампион е елиминиран во оваа фаза од најелитното натпреварување. Во реванш мечот против Веспрем на гостински терен Вардарци изигра нерешено, 30-30, недоволно за пласман во полуфиналето, бидејќи не успеаа да ја надминат негативата од три гола од првиот натпревар во Скопје.
„Црвено-црните“ влегоа крајно мотивирано во натпреварот, одлично започнаа, играа храбро, немаа што да изгубат, дури и во неколку наврати во првото полувреме имаа и четири гола предност, но Веспрем и покрај послабиот старт, покажа дека е искусен тим и не му дозволуваше на нашиот шампион да го задржи тоа водство. На полувреме Вардар имаше 2 гола предност (12-14).
Веќе во второто полувреме Веспрем влезе во ритам и наметна своја игра, како што му доликува на актуелниот европски вицешампион. Се сврте резултатот, првото водство Веспрем го имаше на 19-18, домашните ракометари продолжија со одличен напад, а проработе и одбраната на Алиловиќ. Тренерот Гонзалез еден период проба со Петар Ангелов на голот, но и искусниот македонски голман не успеа да ги исфрли од ритам домаќините, кои веќе беа влезени во сериозен налет.
На десет минути до крајот резултатот беше 25-23 за Веспрем. Вардар не се предаваше, на четири минути до крајот ја имаше можеби и последната шанса, кога Брумен погоди за водство од 27-28, а истовремено и изнуди исклучување кај домаќините. Но, Веспрем повторно ја покажа својата големина и искуство, со играч помалку на теренот, во напад прво истроши една минута од времето, а дури и успеа преку Илиќ да израмни на 28-28. Брумен повторно погоди за водство од 28-29, но расположениот Илиќ возврати со иста мерка и погоди уште еднаш кога е најпотребно, ставајќи крај на сите дилеми околу патникот на фајналфорот во Келн.
Кај Вардар Душебајев постигна 5, а Циндриќ и Шишкарев по 4 гола. Во победничката екипа Илиќ беше најефикасен со 9, а Наѓ постигна 7 гола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.