„С’к су скупе паре, с’к је оскудација“, репликата од српскиот филм „Зона Замфирова“ е една од почестите фрази што ги употребуваме во секојдневниот говор. Особено затоа што и секојдневието ни е такво – скапо.

Не одиме често во театар, на кино, ретко ја обновуваме гардеробата, купуваме исклучиво на попусти, годишните одмори, ако воопшто ги имаме и можеме да си ги дозволиме, од поранешните 15 дена ги сведовме на седумдневен одмор на неколку рати. Се пребројуваме пред крајот на месецот, претуруваме од шупливо во празно мислејќи како да се истурка месецот. Не се откажуваме од луксузите бидејќи ги немаме. Купуваме на интернет преку „Групер“ и „Колектива“ за да одиме на вечера во некој просечен ресторан, чекаме попусти за сè и сешто, а поголемиот син, освен на курс по англиски јазик, сака да оди и на пливање и на таеквондо, а малиот, и тој да не остане покус во желбите, сака да вежба карате. И тоа е секојдневие на една просечна македонска фамилија во која работат двајцата родители. И не е потребно да го опишуваме бидејќи го живееме.
Неделникот „Република“ на еден од своите колегиуми разговараше за тоа да ги праша јавните личности како би преживеале со две просечни македонски плати. Според Заводот за статистика на Република Македонија, просечната месечна исплатена нето-плата во декември минатата година изнесува 21.469 денари. Размисливме и направивме список на десет јавни личности, кандидати за градоначалници, политичари на кои им ги поставивме прашањата: Како би преживеале Вие и Вашето семејство со две просечни плати во Македонија? Како би го распределиле домашниот буџет откако ќе ги платите месечните режиски трошоци и храната? Од кои задоволства би се откажале за да можете да го истуркате месецот?
Едноставно, сакавме да ги прашаме јавните личности како ќе се снајдат во чевлите на обичните граѓани…
Не се сите расположени да одговараат
Собирањето на одговорите одеше многу тешко. Прво, бидејќи поголемиот дел од нив се вклучени во изборната кампања, која е во тек за локалните избори што ќе се одржат на 24 март, а второ затоа што, по сè изгледа, ги разбранувавме духовите, ги замисливме, па не знаеја што да одговорат.
Чудно им се виде дека мора да преживеат со 43 илјади денари месечно, а згора на тоа да платат и комуналии и да купат храна за тој месец. Дел од нив се согласија да дадат одговор на прашањата и најкоректно до договорениот датум ги доставија одговорите, дел од нив ветија дека ќе одговорат, па потоа се премислија, дел од нив беа тотално затечени и проценија дека не е во ред да даваат одговори на вакви прашања бидејќи биле бизнисмени, а еден дел не се потрудија ниту, пак, да одговорат дека нема да одговараат на прашањата.
На Амди Бајрам едвај му стигнува и пратеничката плата

Амди Бајрам, лидерот на Сојузот на Ромите, пратеник во македонското Собрание и бизнисмен, на прашањето како ќе се справи со сиромаштијата ако таа удри по неговиот џеб, во една пригода кажа:
– Ќе се откажам од луксузот. Ќе се откажам од луксузните возила. Ќе возам нешто постандардно, нема да возам луксузен автомобил, нема да купам ново возило. Нема секој ден да одам во странство, нема да одам секаде каде што треба и сакам. Нема секој дена да јадам во ресторан. Ќе скратам од сѐ по малку, ќе мора да заштедам малку – изјави Бајрам.
Но, во телефонскиот разговор со Бајрам, тој за „Република“ призна дека едвај му стигнува пратеничката плата во висина од 60 илјади денари за да може да ги плати трошоците што ги има во Собранието.
– Верувајте дека имам големи трошоци. Јас сам си плаќам гориво за автомобилот што го возам, сам си ги плаќам кафето и соковите што, јас или моите гости, ги нарачувам во кабинетот. Сам си ја плаќам и телефонската сметка на мобилниот телефон. Имам лимит до 3.000 денари, а моите сметки се движат меѓу 30 и 40 илјади денари – вели Амди Бајрам. На нашата забелешка дека тоа се многу пари за телефонска сметка, тој веќе имаше одговор:
– Па, јас сум лидер на партија, мене сите ми ѕвонат, ги исклучувам, па јас им се јавувам – вели Бајрам.
Лидерот на Сојузот на Ромите и бизнисмен, кој е научен да живее на висока нога, вели дека пратениците немаат големи привилегии како што се мисли во јавноста.
– Најголеми привилегии имавме во времето на Љубчо Георгиевски. Сега, верувајте, немаме некои големи поволности – додава Бајрам.
Тој има и идеја како да го крене стандардот на Македонците.
– Треба да направиме како што направија Словенците кога го отфрлија динарот како валута и на секое семејство му дадоа по 20 илјади евра за да почне сопствен бизнис – предлага Амди Бајрам.
Среќа што сопругите се грижат за домашниот буџет

Ивон Величковски, претседател на Либерална партија и пратеник во македонскиот парламент, вели дека тој и неговото семејство за време на собранискиот бојкот живееле со две просечни македонски плати.
– Инаку, и редовно дел од мојата плата месечно оди за партиски потреби бидејќи ниту еден функционер на ЛП не добива надомест за своите партиски ангажмани, а ова правило прво важи за мене како претседател и пратеник на Либералната партија, па никогаш не сметам на целосната пратеничка плата. Сепак, признавам дека имам среќа бидејќи за домашниот буџет, во основа, се грижи сопругата Емилија, која води сметка за покрупните набавки – вели Величковски.
Според пресметките на семејството Величковски, за режиски трошоци, трошоци за гориво и за храна оди една просечна плата.
– Со две деца од претшколска возраст, тука се и трошоците за градинка и за нивна едукација (од сликовници до боички и играчки). На нив, како родители, сме определени да не штедиме. Остатокот е наменет за заштеда. Ја имаме среќата да не плаќаме трошоци за кирија, но ме фрустрира фактот што, и покрај повисоките примања и умерениот живот, сè уште не можам да се пофалам дека сум направил позначајна инвестиција во недвижен имот – вели Величковски.
Кога би требало да се откажа од некој луксуз што си го дозволува, Величковски признава дека забавата, одморот и рекреацијата секогаш се први на удар.
– Од овие задоволства, впрочем, најлесно се откажувам, и тоа постојано. Сепак, криво ми е што тука трпи и моето семејство, од кое секојдневно сум одвоен долго. Затоа, веројатно, и не сум најрелевантниот да одговорам на ова прашање – вели Величковски.

Имер Селмани, бизнисмен и поранешен кандидат за претседател на Република Македонија, зад себе има богат политички живот. Беше затекнат кога го побаравме телефонски, но го почитуваше договорот и одговори на поставените прашања.
– Дозволете ми да дадам една генерална констатација дека бројот на семејства со приход од две просечни плати (21.469 денари) не е генерална слика за просечно семејство во Македонија, односно двајца вработени во едно семејство не е стандард огледало на нашите семејства, туку голем број семејства имаат само по еден вработен, една пензија или дури ниеден вработен – вели Селмани.
Тој признава дека примањата во неговото семејство се поголеми од две просечни плати, но тој се потруди да направи калкулации.
– Планирањето на семејниот буџет ни најмалку не е лесна задача кога се менаџира со ограничени средства, како што е во конкретниот случај. Затоа секогаш се поставуваат приоритети. Најпрво се обезбедува буџет за режиските трошоци, и тоа вода, струја, ѓубрарина, радиодифузна такса, телефон, парно греење (ако има) – 8.000 денари, трошоци за транспорт и за одржување на возилото за целото семејство – 5.000 денари, храна и средства за хигиена за целото семејство – 15.000 денари, храна и кафе за возрасните, за децата ужина кога се надвор од дома – 8.000 денари, курсеви за децата – 3.000 денари, облека за целото семејство во просек – 3.000 денари. Семејството, за жал, треба да се откаже од годишните одмори, рестораните, сите прослави, родендени и верски и државни празници – пресметал Селмани.
– За некому да му однесеш подарок или да купиш нова книга, треба да се скрати од храната. Долгорочно треба да се планира како да се заштеди ако треба да се купи нов телевизор, компјутер, шпорет или слично. За купување стан, куќа или нов автомобил треба да се надева на добивка на лото. За жал, во нашата држава најмалку една третина од семејствата сонуваат да имаат ваков семеен буџет иако и овој е многу скромен и неперспективен затоа што имаат далеку помалку од два лични доходи – вели Селмани.

Ванчо Шехтански, директор на Државен инспекторат за локална самоуправа, има две деца и вели дека сè се врти околу нивните потреби.
– Засега тие се мали, па нивните желби се мали и можеме да ги задоволиме. Со сопругата би се откажале од сè што е за нас, само Ангела и Весна да имаат сè – вели Шехтански.
Пишува: Александра Мазнева Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


