Најуспешната хрватска спортистка на сите времиња, четворократната олимписка победничка Јаница Костелиќ треба да стане помошник-министер за наука, образование и спорт во Владата на Хрватска, објавуваат тамошните медиуми.
Во министрството, како и во кабинетот на министерот нема службена потврда за оваа информација, но потврдено е дека Костелиќ минатите денови неколку пати била видена во кабинетот на министерот Предраг Шустар.
Откако беше формирана новата Влада во Хрватска, местото помошник-министер за спорт е празно, а во медиумите се спомнувале имиња на повеќе истакнати спортисти меѓу кои и носители на олимписки медали во кошарка и ватерполо, но никој не ја спомнувал Костелиќ.
– Ја прифатив оваа работа бидејќи по завршување на спортската кариера сакам и на други начини да придонесам за спортот во Хрватска, посебно во аспект на спортот и младите. Овој ангажман не е на спортскиот терен на кој се чувстувам како дома, така што ме очекуваат многу предизвици. Се надевам дека заедно со колегите ќе успеам да го приближам спортот до сите, а пред се до младите – изјави Костелиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.