Дали сетот приватни разговори на бизнисмени, новинари и функционери најчесто од редовите од ДУИ, кои беа противзаконски објавени на социјалните мрежа е од колекцијата на лидерот на опозицијата, никој од СДСМ ниту пак од Специјалното јавно обвинителство не открива, пишува ДНЕВНИК.
Од СДСМ воопшто не одговараат на прашањата поврзани со снимките, а од обвинителството на Катица Јанева велат дека за објавените приватни разговори од незаконско прислушување не можат да откриваат детали бидејќи тоа било тајна. Досега ниту Заев ниту Јанева откри точно какви разговори беа предадени од лидерот на СДСМ во СЈО пред Нова година иако од тогаш поминаа повеќе месеци. Имајќи предвид дека од кај Јанева потврдија дека по три месеци најпосле завршиле со детаљниот попис што и какви снимки предаде Заев, но и поради тоа што во јавноста одвреме-навреме се објавуваат приватни разговори чие објавување е забрането и казниво и според Кривичниот законик и според Законот за заштита на приватноста ги прашавме: „Дали имате индиции или докази дека објавените приватни снимки од незаконско прислушување објавени изминативе два месеци ги има и во материјалите што ги предаде Заев во СЈО, односно дали се работи за копија од нив?“.
– По однос на објавените приватни разговори во тек се предистражни постапки, кои се тајни и не сме во можност да ви обезбедиме дополнителни податоци во овој момент – ни одговорија од кај Јанева.
Во партијата на Заев, која со снимките практично ја воведе државата во двогодишна политичка криза, најтешка од нејзиното осамостојување, владее целосен молк. „Дневник“ ги праша социјалдемократите дали приватните снимки меѓу бизнисмени или функционери (најчесто на ДУИ), кои беа објавени изминативе неколку месеци, се снимки што биле слушнати во СДСМ, односно дали овие снимки се дел од колекцијата на Заев, а сега се работи за нивни копии или и за СДСМ ова се нови, досега нечуени снимки? Одговор не добивме. Како што е познато, истрагата за овие објавени разговори, кои главно беа објавувани преку фејсбук-профилите на Зоран Божиновски, кој од скоро е во притвор во Шуто Оризари поради предметот „Шпион“ (исто поврзан со снимки од прислушувани разговори), сж уште тапка во место. Снимките се уште можат да се слушнат на Јутјуб и да се споделуваат по социјалните мрежи. Јанева откако првично тактизираше со поведувањето истрага за објавата на снимките, сега молчи заедно со Министерството за внатрешни работи за тоа до каде е истрагата.
Според последните измени на Кривичниот законик, направени во ноември, а произлезени од пржинските договори, се зголемија казните за објавувањето снимки од неовластено прислушување до пет години затвор. Објавувањето вакви материјали, наместо по приватна тужба како дотогаш, се гони по службена должност од јавен обвинител.
– Со казна затвор од една до пет години ќе се казни тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава што е прислушувана или тонски снимана – стои во ставот 2 од членот 151 од Кривичниот законик.
Во Законот за заштита на приватноста, донесен, исто така, во ноември стои дека „секој што поседува материјали од незаконско следење на комуникации во согласност со членот 1 од овој закон е должен во рок од 20 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги предаде материјалите на надлежниот јавен обвинител, во согласност со закон“.
За објавените снимки истрагата е тајна, за објава на СМС од истрага нема проблем
Додека за објавените снимки Специјалното обвинителство на Катица Јанева вели дека не може да каже ни збор, па дури ни дали се дел од колекцијата на Зоран Заев, бидејки предистражната постапка е тајна, обвинителките на ова обвинителство немаат проблем да објавуваат СМС-пораки од друга предистражна постапка, која ја води самото СЈО. Таму тајноста не важи. Се работи за СМС-пораки што ги читаше Фатиме Фетаи при објавата на случајот ТНТ за рушењето на комплексот „Космос“. Обвинителката читаше и јавно објави СМС-пораки меѓу сопственикот на фирмата што го изведувала рушењето и ексминистерот Миле Јанакиески со цел да прикаже дека постоела партиска инволвираност во случајот. Според СЈО, СМС-пораките се добиени при вештачење на мобилен телефон кој е прибавен за време на предистражната постапка, така што не се работи ниту за СМС-пораки од незаконски следените комуникации, ниту за материјали што потекнуваат од посебни истражни мерки. Но, токму Фетаи ги поврза со снимки и СМС- пораки кои токму Заев ги објавуваше во една од неговите бомби. Таа рече: „Се разбира дека претходницата на овие пораки ја чувте во веќе широко познатата фраза: ’Миле ми текна’“. Не јасно е како Јанева проценила дека информацијата дали објавените приватни разговори се дел од колекцијата на Заев т.е. се работи за копии што се распространети не е јавен интерес и треба да ја чува тајноста на предистражната постапка, а, пак, јавен интерес е да се објавуваат СМС-пораки од друга постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.