Лестер се наоѓа на прагот на сензационална титула, откако по „киксот“ на Тотенхем сега на „лисиците“ им е доволна само една победа во последните три кола за да го осигураат трофејот. Првата шанса за такво нешто избраниците на Клаудио Раниери ќе ја имаат на гостувањето против Манчестер јунајтед, дуел на кој Раниери повторно ќе го нема на располагање својот најдобар стрелец Џејми Варди.
Голгетерот доби црвен картон на дуелот со Вест хем и поради суспензија не настапи против Свонси, но дисциплинската комисија донесе одлука Варди да биде казнет со дополнителен меч суспензија поради навредите упатени кон судијата откако му беше покажан патот кон соблекувални.
Ова значи дека најдобриот стрелец на Лестер би можел да ја пропушти „шампионската забава“ на својот клуб, бидејќи доколку „лисиците“ слават во Манчестер, тоа ќе значи и сигурно освојување на титулата. Дури и доколку тоа не се случи, тимот на Варди би можел да стане првак по комплетирањето на следното коло, во кое Тотенхем има незгодно гостување против Челси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.